Џорџи веќе се навикнала на животот во Скопје, а првиот коментар кога дошла овде и бил „каде се луѓето“

Плановите засега ни се врзани за Скопје, но ако ни се укаже добра можност немам ништо против да живееме и на Филипините, со тоа што внатрешноста нѐ влече повеќе од Манила. Како и да е, сега имаме избор, имаме две татковини, велат Игор и Џорџи Жантевски

Љубовта не знае за вера, раса, националност, оние што мислат поинаку, за жал, сигурно никогаш не доживеале вистинска љубов, вели Игор Жантевски, кој својата втора половина пред неколку години ја пронајде на Филипините. Тој е дипломиран филолог, завршил руски јазик и литература во родното Скопје. Нему не му е туѓ ниту светот на новите технологии, па секогаш е отворен за нови средби, доживувања, животни предизвици. Неговата прва средба, со сегашната сопруга Георинда, или Џорџи како што ја вика нагалено, била на интернет.

– Ние сме, ако може така да се каже, втора алка во приказната. Се запознавме преку мојот кумашин Диме, тој прв контактираше со другарка на Џорџи, на некој сајт за запознавање. Кога стана сериозна работата меѓу него и Неи, му реков да праша дали има некоја познаничка неговата жена, да си ја пробам и јас среќата. По месец, два, кога веќе и заборавив што му имав кажано, добив кратка порака на Вибер од него, со името на Џорџи и нејзиниот број. Оттогаш почнавме да комуницираме. Првата видеосредба беше особено интересна, пред сѐ, поради различната култура што веднаш се забележува. Што се однесува до нашата средба во живо, која се случи 6 месеци подоцна, беше многу возбудлива, и двајцата бевме среќни, не се заборава тоа никогаш – вели Игор.
Тој дополни дека со Џорџи освен симпатијата што ја чувствувале еден за друг, најмногу ги споила искреноста.

– Едноставно се чувствува кога некој е искрен, има некоја позитивна енергија, па и преку интернет нека е. За мене постојат само добри и лоши луѓе, така што различноста во културите, расата или верата не претставуваа никаков проблем. Од моментот кога решив да одам на Филипините, нормално и двајцата помислувавме и на брак, а откако се сретнавме во живо и поминавме извесно време заедно веќе знаевме како ќе заврши оваа приказна – открива тој.
Но како се сеќава Џорџи на нивните почетоци, што ѝ се допаднало најмногу кај Игор?
– Половина шега, половина вистина, но на Џорџи кај мене најмногу ѝ се допадна мојот нос! Филипинците генерално имаат мали и прчлести носиња, така што навистина се восхитуваат на голем и прав нос. Инаку генерално, целата работа сериозно ја сфати, кога виде дека не играм игри и оти сум сериозен во намерите, а особено се израдува кога го купив билетот за Манила – се сеќаваат и двајцата со насмевка.
Нивните најблиски позитивно реагирале на нивната одлука да го минат животот заедно.

– Во почетокот и двете страни беа малку збунети и со неверување гледаа на целата работа, но набргу сите беа среќни. Инаку, ние комуницираме на англиски јазик, а нашиот син Мартин, кој има 16 месеци и е роден во Скопје, веројатно, ќе прозбори на македонски, но во исто време Џорџи му зборува на својот мајчин јазик, па тој ќе ги знае добро и двата јазика. Јас научив понекоја фраза, збор на бисаја-јазикот, кој го зборува Џорџи. Шпанците ги колонизирале 4 века, но не успеале да им го наметнат и јазикот, па, така, кај нив официјален јазик е тагалог, кој како и бисаја (исто познат како себуано) ѝ припаѓа на групата австронезиски јазици. Џорџи сѐ уште не го зборува нашиот јазик, но почна да разбира и основата ја има – ни рече Игор.
Џорџи веќе се навикнала на животот во Скопје, а првиот коментар кога дошла овде ѝ бил „каде се луѓето“.

– На Филипните е многу понаселено и има поголема мешаница. Тука, главно ѝ се допаѓа, но ѝ пречи тоа што нема голем избор на азиски артикли (зеленчук, овошје, зачини), кои ги користи во храната. Олеснителна околност е што Џорџи тука има пријателки Филипинки, мажени за Македонци, со кои може да поразговара на својот мајчин јазик, на теми што им се блиски. Убаво е кога имаш некој свој, а си толку далеку од дома. Се дружат и си помагаат за арно и за лошо. Порано се гледаа повеќе, но сега повеќето се со бебиња, па немаат толку време – ни откри Игор.
Тој со нас ги сподели и впечатоците од посетата на Филипините.

– Манила не ја видов многу, бевме само неколку дена таму. Од она малку што го видов дефинитивно сѐ ми беше колоритно, но и премногу населено за мој вкус. Потоа бевме во внатрешноста, во градовите Озамис и Тангуб. Впечатоците од Филипините и уште повеќе од луѓето се преубави. Самиот народ прави да се чувствуваш супер. Тие имаат слоган: „Позабавно е на Филипните“, и навистина е така. Како народ се многу гостопримливи, прават сѐ да се чувствуваш како дома. Во ова лудо време во кое живееме, каде што се изгубени вистинските човечки вредности, Филипинците сѐ уште се радуваат на мали нешта, а во тоа е убавината на животот што ние изгледа ја имаме заборавено. Мнозинството од народот е сиромашен, но среќен. Освен сиромаштијата со која се бориме и ние, Филипините, за жал, често се погодени и од земјотреси, поплави, тајфуни, вулкани. Токму затоа воодушевува нивниот позитивен пристап кон животот. Дури и во најголемите несреќи тие наоѓаат сила да се насмеат, да бидат позитивни – ни раскажа Жантевски.

Засега Игор и Џорџи планираат да живеат во Скопје, но не е исклучена можноста и да се преселат на Филипините во иднина.
– Плановите засега ни се врзани за Скопје, а за понатаму ќе видиме, ако ни се укаже добра можност јас немам ништо против. Со тоа што внатрешноста нѐ влече повеќе од Манила. Како и да е, сега имаме избор, имаме две татковини – велат Игор и Џорџи Жантевски.