Мадона откри неверојатна вест, а тоа е дека работи на филм со оскаровката Диабло Коди. Популарната пејачка на својот инстаграм-профил сподели кратко видео со своите обожаватели, на кое се гледаат таа и Коди во нејзината дневна соба, додека разговараат за нејзиниот познат костим од светската турнеја „Blond Ambition“.
– Кога сте заглавени во својот дом со неколку повреди, што друго би сториле, освен да напишете стихови за филм со Диабло Коди – напиша Мадона во описот на видеото.
Опкружени со тетратки, тие зборуваат за облеката на Мадона, односно за градникот на Жан Пол Готје, по кој таа стана позната во 1990-тите години.

Иако сѐ уште нема соодветни индиции за тоа како би можел да изгледа филмот, фактот дека во видеото се зборува за еден од најпознатите костими на Мадона може да значи дека филмот ќе биде своевидна биографија за нејзиниот живот и кариера или некоја приказна напишана врз основа на тоа.
Мадона е најпозната по својата музика, меѓутоа таа се има појавено и во 26 филма, а ја напиша, режираше и продуцираше историската романтична драма „В.Е.“ од 2011 година, така што филмската уметност не е туѓа за неа.

Коди, од друга страна, е наградувана авторка и освои „оскар“ за најдобро сценарио, за нејзиниот познат филм „Џуно“ во 2008 година, во кој се раскажува приказна за тинејџерка што се соочува со непланирана бременост.