И покрај тоа што поп-иконата Мадона претходно најави дека нејзиниот нов албум ќе биде објавен до крајот на годинава, тоа сепак нема да се случи. Четиринаесеттиот носач на звук на кралицата на попот ќе биде објавен во 2019 година.

Албумот сѐ уште нема наслов, а ќе биде прво издание на Мадона по четиригодишна пауза, односно по објавувањето на „Rebel Heart“ во 2015 година.
Поп-ѕвездата во своето неодамнешно интервју за „Вог“ изјави оти смета дека комплетната современа музика звучи исто и нејзиниот албум ќе ја разбие таа монотонија.

Таа додава дека музиката станала премногу формална, дека на неа работат огромен број луѓе, но резултатите не се импозантни.
Мадона неодамна се пресели во Лисабон, Португалија, бидејќи нејзиниот син сака на Пиринејскиот Полуостров да го оствари својот сон и да стане професионален фудбалер.