Марија Таушанска, наша известувачка од Тел Авив

Веќе два дена поп-кралицата Мадона е забарикадирана на петтиот кат на хотел „Дан“ во Тел Авив, и никој од персоналот на хотелот досега не ја видел. Претпоставуваат дека директно со лифтот таа оди до паркингот, а оттаму со автомобил до „Експо центарот“ каде го пробува својот настап за финалето на „Евровизија 2019“ в сабота.

Како што е најавено, Мадона ќе испее две песни и се очекува нејзиниот настап да биде спектакуларен.

Весникот „Џерусалим пост“ денеска објави дека по неколкумесечни преговори конечно Мадона го потпишала договорот за настап на „Евровизија“, а наводно, пробите ги почнала без потпишан договор.

Има претпоставки дека одолговлекувањето не било поради висината на хонорарот, бидејќи трошоците од еден милион долари ги покрива израелскиот бизнисмен Силван Адамс, кој живее во Канада. Во израеските медиуми се појавија претпоставки дека копјата во преговорите со ЕБУ се кршеле околу авторските права, а најголем проблем биле протестите и реакциите на противниците годинашната „Евровизија“ да се одржи во Израел, кој заради прифаќањето на настапот многу и се налутиле на поп-кралицата.