Мавзолејот на првиот кинески цар е поголем од Големата пирамида во Египет. Гледан од далеку, личи на рид обраснат со вегетација. Се верува дека гробницата се состои од внатрешен и надворешен град. Неговата надворешност се состои од земјишна пирамида со широка основа. Во околината на пирамидата, на површина од 2.180.000 квадрати постојат многубројни градби, а истражувачите веруваат дека во нив се сместени скапоцени артефакти.

Од античките кинески извори дознаваме дека гробницата е огромна. Ковчегот на првиот кинески цар бил изработен од бронза, а во внатрешноста на пирамидата постои подземна палата украсена со скапоцени камења. Небото и земјата се претставени во централната комора на гробницата. Во горната внатрешна страна се претставени сонцето, месечината и ѕвездите украсени со бисери и скапоцени камења. Според античките извори, во внатрешноста постојат реки, езера и мориња, меѓутоа не од вода туку од жива.

Многу сателитски снимки покажуваат дека во околината на мавозлејот постојат гробници изградени за министрите, принцезите и принцовите, кои требало да го придружуваат кинескиот цар во задгробниот живот. Исто така, се откриени коњи и ретки птици за кои се смета дека биле жртвувани. Составен дел од мавзолејот се фамозните теракотни воини, кои требало да го бранат царот во задгробниот живот.