Истражувачи од биотехничкиот гигант „23ендМи“ откриле разлики во генот што влијае на крвната група, односно чувствителностa на коронавирусот. Тие веруваат дека крвната група нулта е најмалку чувствителна на вирусот, додека другите групи немаат голема разлика.

Научниците бараат генетски одговор на прашањето зошто некои луѓе што се заразуваат со коронавирус немаат никакви симптоми, а други стануваат смртно болни. Во тоа најмногу може да им помогне истражувањето во гените на оние што се сериозно погодени од коронавирусот. Минатиот месец, компанијата „23ендМи“ почна истражување во кое се обиде да анализира милиони ДНК-профили од својата база на податоци за да ја разбере улогата на генетиката кога станува збор за ковид-19.
Прелиминарните резултати од повеќе од 750.000 учесници покажуваат дека крвната група нулта би можела да биде најотпорна на САРС-КоВ-2, вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19, пишува „Блумберг“.

Луѓето со оваа крвна група имаат од 9 до 18 проценти помала веројатност да бидат тестирани позитивно на коронавирус. Меѓутоа, оваа студија покажала мала разлика во подложноста на вирусот кај другите крвни групи.

Неколку други студии исто така ја разгледувале врската помеѓу крвната група и симптомите на коронавирусот, кои исто така покажале дека отпорноста на вирусот, освен од возраста и од јачината на имунитетот, зависи и од крвната група.
Истражувањето било направено на повеќе од 1.600 пациенти од Италија и од Шпанија што имале проблеми со респираторна слабост поради инфекцијата од ковид-19. Се покажало дека е потребен респиратор за повеќе од половина од нив што имале крвна група А. Претходната студија од Кина покажала слични резултати.