Една студија покажала дека човечкиот ум има тенденција да фантазира речиси половина од денот, а истражувачите што ја спровеле студијата сугерираат дека мечтаењето може да нè направи несреќни, бидејќи нашите мисли секогаш полека се „вртат“ кон негативни сценарија. Сепак, можат ли луѓето што сонуваат повеќе од другите да бидат во предност?
Новото истражување предводено од докторот Ерик Шумахер и Кристин Годвин од технолошкиот институт „Џорџија“ во Атланта укажува дека сонувачите имаат многу активен мозок и може да бидат поинтелигентни и покреативни од просечните личности. Резултатите се објавени во списанието „Невропсихологија“.
Д-р Шумахер и неговиот тим работеле со 112 учесници, кои биле подложени на магнетна резонанца и тестови насочени кон когнитивните перформанси. За време на скенирањето, од учесниците било побарано да гледаат во фиксна точка пет минути, а истражувачите ја следеле нивната ДМН-активност (нервна врска што е видливо активна дури и кога мозокот е во мирување). Тие исто така истражувале како ДМН-активноста е во корелација со другите региони на мозокот во состојба на мирување.

Кај учесниците што рекле дека поминуваат многу време во мечтаење било откриено дека имаат подобри резултати во когнитивните задачи. Нивните МРИ-скенирања, исто така, покажале зголемена активност во областите поврзани со учењето и меморијата. Д-р Шумахер вели дека овие резултати сугерираат дека мечтаењето не ја заслужува стигмата што е поврзана со него.
-Луѓето мислат дека нешто не е во ред ако умот лута, се обидуваш да обрнеш внимание, а не можеш. Нашите податоци се во согласност со идејата дека тоа не е секогаш точно и дека некои луѓе имаат само поефикасен мозок – истакнува тој.