По покана од организаторите на фестивалот за дизајн „Асембли“ во Грац, Австрија, македонската модна етикета за безродова мода „Лудус“ учествуваше на специјалното модно издание заедно со победниците од минатите изданија на фестивалот. Во 2019 година на истиот фестивал, „Лудус“ беше награден и со тоа беше дел од модните ревии на годинашното специјално издание на „Асембли“. Заедно со дизајнерите, главно од Австрија, но и од Хрватска, Унгарија, Шпанија и Велика Британија, „Лудус“ ја претстави новата колекција за есен-зима 2021/2022 насловена „Постродовост 4“.
– Во извонредна атмосфера и на огромно задоволство на сите учесници на ова специјално „пандемиско“ издание на фестивалот, „Лудус“ наиде на одличен прием од стручното жири на фестивалот составено од локални модни експерти, архитекти и дизајнери. Локалната публика и купувачите во продажниот дел по ревиите исто така одлично ги прифатиja производите од оваа колекција. Колекцијата беше промовирана со виртуелен изложбен салон на крајот на март годинава, по што беше претставена на интернационалниот пазар, а сега е достапна во продажба во концептуалните продавници со кои брендот соработува – велат од „Лудус“.
Колекцијата е четврти дел од низата колекции насловени „Постродовост“ и ја застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родот и родовите улоги. Истовремено таа е формално истражување на родовата неутралност преку модниот јазик и концептно продлабочување на естетиката на брендот започната пред неколку сезони.