Додека пандeмијата на коронавирусот сѐ уште ги држи посетителите подалеку од музеите, познатиот париски „Лувр“ нуди приватно дружење со „Мона Лиза“ и прошетка низ историскиот покрив на францускиот музеј стар 800 години, за да ја пополни дупката во своите финансии.
Оној што ќе даде најдобра понуда, ќе има можност да биде сведок на прегледот на состојбата на ремек-делото на Леонардо да Винчи, што обично може да се види само делумно преку главите на посетителите, собрани пред славниот портрет.
Секоја година најпознатата слика на светот се вади од ѕидот и се отстранува стаклената преграда заради проверка дали на ремек-делото, создадено во 1503 година, му се заканува некоја пукнатина.

Некои светски челници биле меѓу среќниците што во последните неколку децении сведочеле за овој редок настан.
Аукциската куќа „Кристи“ се надева дека со онлајн аукција ќе собере повеќе од милион евра, вклучувајќи ги и проценетите 10 до 30 илјади евра за дружењето одблиску со ова скапоцено ликовно дело.
„Лувр“ во 2019 година имал близу 10 милиони посетители, но во 2020 година беше затворен повеќе од пет месеци за време на два карантина поради пандемијата. Но и кога беше отворен летоска, посетеноста беше намалена за 75 отсто. Жан ле Туше, задолжен за односите со покровителите, изјави дека „Лувр“ оваа година ќе има загуба од 90 милиони евра.