„Лошите момци“, заедно со своите брзи автомобили и совршена доза адреналин и акција, вчера стигнаа и во нашите кина. Уште еднаш заедно, овој пат за последен пат Мајк Лори (Вил Смит) и Маркус Бурнет (Мартин Лоренс), ќе ги обединат силите и со заеднички напори на гледачите ќе им донесат врвна забава.

Долгоочекуваното продолжение на култниот серијал за омилените лоши момци е совршена комбинација на акција и на хумор. Тие на својот специфичен начин ги стават криминалците таму каде што им е место – зад решетки.

Овој пат се малку постари, но еднакво луди и лоши. Иако Маркус на својот долгогодишен партнер Мајк му најавува скорашно заминување во пензија, тој го наговара на уште една откачена мисија, која изобилува со лудо возење, измами, заговори и црн хумор.

Првиот филм од овој серијал се појави во 1995 година и ја воодушеви публиката, а наедно и двајцата ги лансира меѓу најпопуларните холивудски актери. Вториот филм е снимен во 2003 година и постигна уште поголем успех. По цели 15 години обожавателите најпосле се задоволни со третиот и наедно последен филм од овој серијал.