Кога Лерин Вест (51) слушнала дека некој од американската сојузна држава Ајова освоил половина од џекпотот на лотаријата вреден 688 милиони долари, таа не можела да го најде нејзиниот лоз, по што побарала од сестра и да го најде тикетот во нејзиниот камионет. Се испоставило дека вредното парче хартија било токму таму, на подот на возилото.

– И кажав на сестра ми да влезе во нејзиниот камионет, да го најде лозот и веднаш да дојде кај мене. Но, да вози бавно – кажа добитничката.

Лотаријата во Де Мојн, Ајова, во понеделникот официјално ја претстави Лерин Вест од Ретвил, како добитничка на џекпотот. Самохраната мајка одвај успеала да ги убеди нејзините три ќерки дека таа навистина е добитничка. 

– Никој не ми веруваше, сите мислеа дека сум луда – изјави Вест, откако го достави својот добитен лоз во седиштето на Лотаријата.

Таа ќе ја дели наградата од 688 милиони долари со 51-годишен жител од Њујорк чие име се уште не е објавено, и кој се уште не се јавил за да ја подигне премијата. Среќната добитничка избра единечна исплата од 198,1 милион долари (од кои допрва треба да биде одбиен данокот), наспроти можноста да ја добие сумата од 343,9 милиони долари на рати, во текот на 29 години.

Вест планира да купи куќа и нов автомобил, да издвои средства за студирање за нејзините шест внуци, а ќе воспостави и фондација во добротворни цели. Добитничката која досега работеше во осигурителна компанија, порача и оти заминува во пензија.