Брикстон можеби го има Боуви, но Брент ќе го има Џорџ Мајкл. Сега покојниот пејач ќе биде овековечен во форма на мурал во лондонската област каде што пораснал. Брент е годинашниот лондонски округ на културата, а муралот е дел од првото Биенале на Брент. Британскиот уметник Дон Мелор ќе создаде девет метри висок мурал на Џорџ Мајкл во Кингсбери, близу местото каде што ѕвездата на „Вем“! порасна.
Муралот е едно од 23-те уметнички дела што ќе бидат поставени во простори како што се берберници и јавни пералници, но и во библиотеки и на билборди низ околината. Групата уметници вклучува меѓународни имиња, но и локални автори од Брент како: Рашид Араеин, Имран Куреши, Делија Снуси, Џуд Вакс, Џејко, Јасмин Николас и Рут Бел.

Биеналето на Брент има цел да ги истражи историјата, културата и луѓето во областа. Покрај мурали и инсталации, ќе бидат понудени и детална програма, разговори и работилници, кои ќе бидат објавени на почетокот на септември.
– Нашиот град е преплавен со креативност, а јавната уметност е фантастичен начин да се изложи тоа. Биеналето на Брент ќе им даде на уметниците јавно платно и ќе ги оживеат приказните на нашите локални заедници – рече Џастин Симонс, заменик-началник за култура и креативни индустрии.