Новото истражување спроведено од НАСА даде листа на европски градови што први би биле потопени од глобалното затоплување. Гренланд е на пат овој век да изгуби најмногу мраз во однос на кој било период на холоценот, период од 12.000 години за време на кој процвета човечката цивилизација. Тешкото топење на мразот на Гренланд ја става Земјата во опасност од големи преселби и миграции од сите животински видови – што дополнително предизвикува многу други последици за квалитетот на животот.
– Топењето на мразот на Гренланд може да го зголеми нивото на морето за 7,6 метри, со што би се уништиле крајбрежните области на планетата – изјави минатата година Џош Вилис, океанограф од агенцијата НАСА.
За да се утврди сериозноста на проблемот, НАСА смисли алатка со која може да се предвиди кои градови ќе бидат поплавени поради топењето на глечерите. Научниците ги вметнаа и ефектот на гравитацијата на Земјата и нејзината ротација во „формулата“ за да предвидат како ќе се „прераспредели“ водата низ светот.

– Алатката за секој град дава јасна слика за тоа кои глечери се од особено значење – изјави еден од научниците што учествуваа во истражувањето.
Промените што се случуваат во Гренланд ја погодуваат целата планета, бидејќи милијарди тони стопен мраз го зголемуваат нивото на морето во Австралија, Азија, Европа и во САД. Па оттука истражувањето покажа дека Лондон, Дубровник, Тромсо (Норвешка), Осло, Атина, Сиракуза, Марсеј, Гибралтар и Брест (Франција) треба да се плашат од топењето на големите ледени површини во западниот дел на Гренланд во Европа, затоа што им се заканува потопување.