Откако пандемијата на ковид-19 го доведе туризмот во застој, градските власти на Лисабон им нудат на сопствениците можност нивните станови кои ги издаваат на туристите, сега да ги изнајмат на градот, на најмалку пет години, пренесува „Гардијан“.

– Во одредена смисла коронавирусот создаде можност. Имаме можност да го искористиме ова време за да размислиме како можеме да ги поправиме работите и да ги поставиме на вистинскиот пат – рече градоначалникот на Лисабон, Фернандо Медина.

Градот го искористи моментот за да фрли ново светло на програмата на која што се работеше пред пандемијата: амбициозен план за претворање на повеќе од 20.000 туристички станови во домови за живеење.

Оваа иницијатива од градот оценета како опција „без ризик“, им нуди на сопствениците можност да добијат до 1.000 евра месечно за изнајмување на нивните станови на градот, на пет години. Градот потоа треба да најде станари на кои ќе им ги изнајмува становите со субвенционирана стапка, ограничена на третина од нето-приходот на домаќинството.

За сопствениците на становите, приходот ваквото изнајмување веројатно ќе биде помал од оној што можат да го заработат од туристи. Но градот предвидува дека долгорочен и сигурен приход, според понудата да се плати аконтација од дури три години кирија, ќе ги придобие сопствениците кои се борат со неизвесноста предизвикана од пандемијата.