Познатата американска актерка Линдзи Лохан најави враќање во актерските води, велејќи дека ќе игра една од главните улоги во новиот филм на „Нетфликс“, пишува „Вераети“.
Новиот филм на „Нетфликс“ сè уште нема наслов, но дејството е познато. Лохан ќе игра разгалена богата девојка, која по свршувачката оди на скијање, каде што доживува несреќа и заборава на голем дел од својот живот.
Наскоро се среќава со убав богат човек и со неговата ќерка и го поминува Божиќ со нив. Остатокот од актерската екипа е сè уште непознат, а снимањето треба да започне во ноември оваа година.

За потсетување, Лохан стана популарна глумејќи близначки во филмот „Стапица за родителите“ (1998), кога имаше само 11 години. Потоа следуваа ангажмани во комедии, кои ја одржуваа нејзината популарност, како „Откачен петок“ и „Злобни девојки“.
Меѓутоа, поради големиот притисок од јавноста и медиумите, Лохан се повлече од филмската индустрија во 2010 година поради проблеми со зависноста. Набргу таа се пресели во Дубаи, каде што помина неколку години.