Лиметата е цитрусно овошје што се користи за да ѝ се даде подобар вкус на храната и е вообичаен додаток во мексиканската, виетнамската и во тајландската кујна. Но ова цитрусно овошје е и вистински извор на здравје. Досегашните студии покажаа дека зголемувањето на употребата на лиметата ги намалува ризикот од дебелина, дијабетес, срцеви заболувања и целокупната смртност, ја зголемува енергијата и ја намалува тежината. Лиметите се многу концентриран извор на витамин Ц, познат антиоксиданс. Иако има многу од нив, ви ги набројавме шесте најважни здравствени придобивки од ова цитрусно овошје.

1. Здравје за срцето
Многубројни истражувања покажале дека сокот од лимета и неговата кора ја намалуваат акумулацијата на маснотии во коронарните артерии, со што се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Додадете го во вода, исцедете сок, изрендајте ја кората во мешавината од палачинки или зачинете ја салатата со нејзиниот сок.

2. Превенција од астма
Ризиците од развој на астма се пониски кај луѓето што консумираат големи количества одредени хранливи материи. Една од овие хранливи материи е витаминот Ц, кој се наоѓа во многу видови овошје и зеленчук, вклучувајќи ја и лиметата. За спречување на респираторните заболувања се препорачува да се користи барем неколку пати неделно, особено напролет кога се зголемува концентрацијата на полен во воздухот.

3. Ја зголемува апсорпцијата на железо
Недостигот од железо е еден од најчестите проблеми кај луѓето во развиените земји и водечка причина за анемија. Консумирањето храна богата со витамин Ц во комбинација со оние богати со железо ќе ја зголеми способноста на организмот да го апсорбира железото. Можете да исцедите свеж сок од лимета во салатата со спанаќ и наут, кои се добар извор на железо.

4. Го зајакнува имунитетот
Храната богата со витамин Ц и други антиоксиданти може да му помогне на имунолошкиот систем да се бори против настинки и грип.

5. Исто така е добра и за кожата
Кога се јаде во природна форма, витаминот Ц помага во борбата против оштетувањето на кожата предизвикано од сонцето и загадувањето, ги намалува брчките и ја подобрува целокупната текстура на кожата. Потребно е соодветно внесување витамин Ц, а сокот од една лимета обезбедува 22 проценти од дневните потреби за градење и за одржување на колагенот.

6. Го намалува ризикот од мозочен удар
Поголемите количества цитрусни овошја можат да го намалат ризикот од исхемичен мозочен удар кај жените. При едно истражување се открило дека учесниците што јаделе најголемо количество цитрусни овошја имаат 19 проценти помал ризик од исхемичен мозочен удар од оние што ги јаделе во мали количества.
Но внимавајте постојат и потенцијални здравствени ризици од консумирањето лимета. Темелно измијте ја лиметата, дури и ако не планирате да ја користите кората. Бактериите од кората можат да влезат во внатрешноста на овошјето кога се сече со нож. Затоа, ако е можно, купете лимета од органско потекло.