Долгоочекуваниот трејлер за филмот „Ѕвездата е родена“ конечно стигна. Станува збор за драма со многу музички елементи, во која главни ликови се Бредли Купер и Лејди Гага. Овој филм ја следи приказната за двајца што уживаат во љубовта, музиката и во соништата, но кои исто така се соочуваат со внатрешни демони и немири.

Основата на оваа интересна приказна е возбудливиот живот на главните актери, кој маестрално го толкуваат Бредли Купер, кој четири пати е номиниран за „оскар“, и пејачката Лејди Гага, на која ова ѝ е прва главна улога. Од друга страна, овој филм е посебен и по тоа што е режисерско деби на шармантниот Бредли.
Филмот ја следи љубовната приказна на искусниот музичар Џексон Мајн, толкуван од Купер, кој се вљубува во младата проблематична уметница Ели, која ја игра Гага. Нивната приказна започнува со моментот кога Џексон ја запознава Ели токму кога таа има намера да крене раце од своите соништа да стане пејачка. Но, освен што успева да ја убеди да го реализира сонот, нејзината кариера расте со неверојатна брзина, нејзината слава станува сѐ поголема, но паралелно со тоа нивната врска доживува колапс поради неговите внатрешни демони, со кои тој се обидува да се избори.

Споредните улоги ги толкуваат Андреј Силверстајн, Дејв Шапел и Сем Елиот.
Уште една интересна работа е дека Гага не само што глуми во овој филм туку и изведува оригинална песна, која ја напиша заедно со Бредли и уште неколку одлични музичари. Сценариото за овој филм се базира на сценарио под истото име од 1954 и 1976 година. „Ѕвездата е родена“ ќе биде дел од репертоарот во кината од 5 октомври.