Лејди Гага (35) откри дека имала психички проблеми при крајот на снимањето на „Куќата Гучи“, филм инспириран од неверојатната вистинита приказна за семејната империја што стои зад познатата модна куќа. Поп-ѕвездата и актерка, која ја глуми Патриција Реџани во новиот филм, во режија на сер Ридли Скот, признава дека глумењето во филмот имало драматично влијание врз нејзиниот реален живот.
– Имав психички тешкотии во еден момент при крајот на снимањето. И на снимањето, но и кога бев во мојата хотелска соба живеев и зборував како Реџани. Се сеќавам дека додека бев во Италија на снимање, еден ден излегов за да прошетам, по цели два месеца, и ме фати паника. Мислев дека сум на филмски сет – изјави Гага во интервју за британски „Вог“.
Дејството на филмот се одвива во 1995 година, по случувањето што ја потресе Италија – убиството на Маурицио Гучи, нарачано од неговата поранешна сопруга Патриција Реџани. Во 1998 година таа беше осудена на затвор, откако обвинителството докажа дека изнајмила платен убиец да го убие нејзиниот поранешен сопруг. Гага со години се подготвуваше за улогата и на крајот тоа се одрази на нејзиниот личен живот.
– Поминаа три години откако почнав да работам на улогата и ќе бидам целосно искрена и транспарентна, живеев како неа година и пол и зборував со акцент девет месеци потоа – вели таа.
Гага, која е една од најпознатите италијанско-американски ѕвезди, е исто така чувствителна во врска со тоа како ќе биде оценет филмот во Италија.
– Снимањето на овој филм за мене беше големо животно искуство, затоа што секоја минута од денот мислев на моите предци во Италија, за тоа што тие мораа да направат за јас да имам подобар живот – изјава Гага за декемвриското издание на британски „Вог“.