Поп-ѕвездата и актерка Лејди Гага (35) се појави во креација од модниот бренд „Версаче“ на свечената премиера на крими-драмата „Куќата Гучи“, која се одржа викендов во Милано. Таа во филмот на Ридли Скот ја глуми Патриција Реџани, жената што го нарача убиството на поранешниот сопруг Маурицио Гучи, наследник на модната династија.
Црвениот долг фустан што го носеше е изработен од сатен, а инспириран е од колекција на Џани Версаче за пролет/лето 1995 година, беше наведено на инстаграм-профилот на брендот. Гага својот гламурозен изглед го дополни со црвени чевли на платформа и со златен накит.
„Куќата Гучи“ е филм инспириран од неверојатната вистинита приказна за семејната империја што стои зад познатата модна куќа, едно од најстрашните злосторства што се случиле во високото друштво во Италија. По три години, Патриција беше осудена на 29 години затвор откако обвинителите докажаа дека изнајмила платен убиец да го убие поранешниот сопруг. Излезе од затвор по отслужени 18 години. Сторијата е базирана на книгата „Куќата Гучи: Сензационална приказна за убиство, лудило, гламур и алчност“.
Филмот ќе се појави во киносалите на 24 ноември.