Познатата француска глумица и манекенка Летиција Каста од денеска до 24 август ќе снима филм во околината на Битола. Станува збор за долгометражниот „Зад хоризонтот“ (Le Milieu De L’Horizon), копродукција меѓу „Бокс продакшн“ од Швајцарија и „Антре шаи е Луп“ од Белгија. Филмот е во режија на Делфин Лерисе, а финансиски е поддржан и од „Еуримаж“. Носител на филмскиот сервис е „Кинооко“.

Летиција, која игра еден од главните ликови во филмот, е позната од улогите во: „Астерикс и Обелиск ВС Цезар“, „Геинсбур“, „Лучија Санфеличе“….
Таа исто така е супермоделка на „Викторија Сикрет“ и била на насловните страници на најголемите светски модни магазини, а учествувала и на ревиите на најпознатите модни дизајнери.

Нејзина партнерка е Клемонс Поези, која учествувала во филмот „Хари Потер и смртните настани 1 и 2“ и во телевизиските серии: „Озборувачка“, „Војна и мир“ и „Генијалец“.
– Со оглед на големите актерски имиња и сериозноста на продуцентските куќи што стојат зад голем број успешни филмови, сметаме дека овој проект ќе биде од големо значење за промоција и афирмација на Македонија како дестинација за снимање филмови- вели Роберт Насков, продуцент на филмот.