Минатата недела 40-годишниот џет-ски шампион Френки Запата се вивна во воздухот со неговата лебдечка купола „Флајборд ер“ за време на парадата на францускиот национален празник Ден на падот на Бастилја во Париз и со тоа го воодушеви целиот свет. Тој откри дел од неговата приказна и како дошол до изградбата на лебдечката купола, пренесува Си-ен-ен.

Френки Запата сиот живот имал еден сон, а тоа е да може да лета. Но не со авион, туку слободно како птиците. Сепак, изумителот и претприемач од Франција е далтонист, нешто што му оневозможило да стане пилот и да управува со хеликоптер. Откако со години се занимавал со џет-ски трки, тој решил да создаде свој хидроџет со кој ќе лета над водата. Подоцна, со напредувањето на технологијата, тој создал лебдечка купола со која го воодушеви светот.

– Кога леташ со своето тело, рацете учествуваат во насоката во која леташ. Ја чувствуваш турбуленцијата и струењето на воздухот низ прстите. Се чувствувате како птица. Но ова е исто така тешко, бидејќи се борите со ветрот и се чувствува болка во нозете. Не е така лесно како што изгледа – објаснува Запата.

Запата и покрај тоа што тој се чувствува добро кога ги покажува неговите достигнувања пред јавноста, тој, сепак, најмногу ужива кога лета сам.

– Најубавото нешто е кога летам и се чувствувам слободно – вели Запата.

Тој соработува со американската и француската војска, а француската влада инвестирала 1,2 милиони евра за тестирање на лебдечката купола. На прашањето дали тој ќе го продаде својот „Флајборд ер“ на специјалните воени единици низ светот, тој дал потврден одговор. Но, сѐ уште не се знае кога ќе се случи тоа.

Запата поминал три години создавајќи го „Флајборд ер“, а тајната, вели тој, е поставувањето на пет турбински мотори над конвенционалните електрични пропелери за да се овозможи интуитивна контрола за летање преку човековото тело.

Што се однесува до поширока, комерцијална употреба, прво е потребно да се разработат прописите и да се разгледаат безбедносните прашања пред да може „Флајборд ер“ да биде пуштен за рекреативна употреба, смета Запата.

Следен голем подвиг на Запата е да го прелета Ла Манш. Со тоа, тој ќе го сруши сопствениот рекорд од патување долго 2.200 метри кое го изведе во 2016 година.