Колкaво е богатството на познатите на Балканот

Според податоците на добро познатата платформа „Селебрити нет ворт“, која редовно се ажурира, а сето тоа потврдено со тим од уредници и експерти од индустријата, износите со кои располагаат познатите лица од Балканот оставаат без текст. На пример, една од најпознатите пејачки на овие простори, Лепа Брена, има проценето богатство на повеќе од 16 милиони долари. Покрај продажбата на повеќе од 40 милиони плочи во текот на нејзината долга кариера, таа не застана само на музиката. Имено, Брена, чие вистинско име е Фахрета Живојиновиќ, има глумено во неколку филма и телевизиски серии, од кои и со Стивен Сигал во „Белград Нова година 2016“.
Од познатите музичари и текстописци на овие простори, невозможно е да не се спомене Горан Бреговиќ. Основач и гитарист на култниот бенд „Бијело дугме“, кој подоцна сними музика за филмови, но и компонираше песни за многу уметници, а еден од тие е и Иги Поп. Богатството на Бреговиќ се проценува на 20 милиони долари. По распадот на „Бијело дугме“, во 1989 година, тој компонира музиката за неколку филма, меѓу кои „Дом за бесење“, „Кудуз“ и „Сон за Аризона“.
Инаку, оваа година Брега е добитник на престижната европска награда „Принцес Марина Стурза“.

– Голема чест и задоволство е што ја добив оваа награда. Тоа е уште едно во низата признанија дека она што го правам има смисла и дека мојата публика, што е најважна за мене, го препознава. Едвај чекам нови концерти и дружење со публиката – рече Горан Бреговиќ, кој поради пандемијата годинава мораше да ги одложи своите многубројни концерти, но вредно работи на нов албум.
Неговиот колега, пејачот Здравко Чолиќ, кој на крајот од минатата година шест пати ја наполни белградската арена, со турнејата „Оно мало среќе“, исто така се наоѓа на списокот на ѕвезди од регионот со голема заработка. Неговото богатство се проценува на 20 милиони долари, а тоа го поткрепува и фактот дека тој е првиот пејач кому му е доделена „дијамантска плоча“ на издавачката куќа „Југотон“. Со рекордно распродадени концерти во 2019 година, тој стана еден од најдобрите успешни пејачи на Балканот.

Спортистите се познати по нивните високи плати, а не е изненадување што на списокот се најде и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Со богатство од 220 милиони долари, тој е рангиран високо на листата на најбогати луѓе во регионот. Освен што е еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Ѓоковиќ е познат по ривалството со Рафаел Надал. За разлика од него, проценетото богатство на најпознатиот хрватски фудбалер Лука Модриќ е четири пати помало и изнесува 55 милиони долари.