Фото: Зденко Петровски

Првата фестивалска вечер на „Блуз и соул-фестивалот“, кој се одржа завчеравечер во скопскиот клуб „Станица 26“, на публиката ѝ подари експлозија од добра музика, енергија што никого не остава рамнодушен и несекојдневна можност во живо да се биде во друштво на Леон (71), братот на легендарниот Џими Хендрикс, кој сѐ уште важи за еден од најдобрите гитаристи на светот, иако го нема скоро половина век.
Фестивалот го отвори групата „Зипи Наперс“ од Грција, која ја предводи Спирос Мисокефалос, и изведувајќи дел од репертоарот, што го сочинуваат американски блуз и рок-стандарди и понекоја авторска нумера, тие веднаш воспоставија одличен контакт со публиката во клубот, што освен љубители на блуз и соул-музиката, ја сочинуваа и голем број познати македонски музичари, кои не го криеја задоволството што се дел од овој вонсериски настан, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, со поддршка на Министерство за култура и на унгарската амбасада во нашата земја.

И кога сѐ во клубот мирисаше на блуз, соул и рокенрол, на бината се качи бендот на Фулвио Феличиано, еден од најпочитуваните блуз и рок-гитаристи во Италија, кој е познат и по своите проекти посветени на Џими Хендрикс.
Токму со перформансот „Во име на Џими“, тој се претстави пред скопјани, заедно со музичарите Марко Д’Анџело на бас и вокал, и Лука Мартини тапани и вокал, двајца експерти во областа на Хендриксовата музика.

И откако нѐ загреа со неколку добри, енергични парчиња на блуз, соул, рок и фанк-теми, и нѐ увери дека е вистински виртуоз што си поигрува со гитарата, која на моменти навистина звучеше како да е во рацете на кралот Џими, на сцената се појави, Леон Хендрикс, кој наспроти своите 71 година, пеејќи ги песните на својот брат, но и раскажувајќи приказни за него, создаде одлична, незаборавна атмосфера.
– Здраво Скопје, Македонија, одлично се чувствувам тука иако доаѓам првпат.

Навистина ми се допаѓа овде, и храната и жените и одличната организација и би сакал да останам малку подолго во вашиот град – ги поздрави присутните Леон. Тој ни долови некои моменти од животот со Џими, кој е роден како Џони Ален Хендрикс, но кога бил петгодишно дете ненадејно татко му му рекол: „Отсега ќе се викаш Џими“. „Ама не сакам“, се побунил тој. „Не може, Џони се викаше едно поранешно момче на мајка ти“, одговорил татко им. Потоа Леон енергично ја изведе песната „Johnny B.Goode“. Тој рече и дека нивната мајка секогаш им давала поддршка да го изберат сопствениот пат во животот и оти ужива на настапот во скопскиот клуб, со одлична публика, која му испраќа многу позитивна енергија.