Докторот Розентал ја користи поезијата како помагало во терапијата и вели дека забележал навистина добри резултати со пациентите

Периодов кога сите ги слават вакцините и гледаат на нив како на потенцијално единствено спасение од заканата од деструктивниот вирус, докторот Норман Розентал верува дека поезијата може да биде вакцина за душата. Многумина од нас, а можеби и сите, потрошивме една година зад нас со залудни обиди да го најдеме најдобриот начин да преживееме, да се соочиме со стресовите, да ги оживееме задоволствата што ни ги украде пандемијата Но докторот го поставува прашањето колку луѓето се свртеа кон поезијата како извор на утеха, поврзаност, инспирација и прифаќање.

Тој долго време ја става поезија на пиедестал, и личен и професионален. Докторот Норман Розентал, психијатар од Роквил, Мериленд, инаку е пионер во употребата на светлосна терапија за сезонски нарушувања на расположението. Доктор Розентал вели дека ја искористил песната како помагало за терапија и дека забележал навистина добри резултати со пациентите.
– Се заљубив во поезијата веднаш штом научив да читам и тоа ми беше личен извор на утеха во различни периоди од мојот живот. Како терапевт собирав песни за кои мислев дека имаат моќ да лекуваат, да инспирираат или барем да донесат радост – вели тој.

Розентал ги состави сите овие песни во книгата „ПоетриРх: Како 50 инспиративни песни можат да лекуваат и да ви донесат радост на животот“.
Верува дека поезијата може да биде вакцина за душата. Во свет толку преплавен од загуби, толку лишен од задоволства, тој верува дека поезијата може да ги пополни тие празнини, да ни понуди кратко засолниште од неволјите и да се надеваме на подобро утре.

За Маргарет Шрејер, прабаба од Минесота, поезијата е како добра пријателка: сигурен извор на инспирација и удобност што ѝ помогна да остане присебна за време на долгите и осамени месеци во дом за стари лица.
– Поезијата генерално ме крева. Има мала грутка вистина во секоја песна и кога прелистувам во колекциите, секогаш наоѓам една што ми се допаѓа, една што ќе ме натера да продолжам. Ги читам на глас. Секојпат кога ќе се вратите на некоја песна, ја слушате со различни уши. На луѓето што мислат дека не ја сакаат поезијата или не ја разбираат, секогаш им велам: „А што е со песните што се пеат? Дали е тоа вашата омилена песна? И тоа е поезија. Некои од најубавите стихови се всушност опеани во музичките песни“ – вели Маргарет.

Дијана Раб, психолог и поетеса од Санта Барбара, Калифорнија, напиша на својот блог дека „поезијата може да ни помогне да разбереме дека сме дел од една голема загатка, а не да живееме во нашиот изолиран свет. Пишувањето и читањето поезија може да биде замаец за раст, за лекување, за промена. Поетите ни помагаат да видиме дел од светот на начин на кој не сме навикнати“.

И д-р Рафаел Кампо, поет и лекар на Медицинскиот факултет „Харвард“, верува дека поезијата може да им помогне на лекарите да бидат повнимателни, полесно да развиваат емпатија со своите пациенти и да бидат свесни за човештвото, без кое не постои вистински лек.

Според д-р Роберт Керол, психијатар што работи на Медицинскиот центар на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, поезијата може да им помогне на луѓето да зборуваат за работи што се сметаат за табу, како што се смрт и умирање.
– Кога луѓето ќе бидат погодени од загуба, треба да им биде дозволено да ги изразат своите чувства, да ја изразат својата болка. Оваа криза ги погодува повеќе или помалку сите, а поезијата ни помага да се справиме со тешки чувства. Иако не секој има дарба да пишува поезија, сите можеме да имаме корист од мислите што поетите ги ставиле на хартија – вели Розентал.