Сингапур е дом на една третина од коралните гребени во светот, што е огромно количество за една толку мала земја. Коралните гребени се важни бидејќи ги штитат светските брегови, а исто така се дом на илјадници риби и се витален дел од подводниот екосистем.
Меѓутоа, проблемите со мелиорацијата и развојот на крајбрежјето доведоа до исцрпување на гребените во Сингапур во текот на изминатите децении, а сега научниците од Националниот универзитет во Сингапур сакаат да го променат тоа на необичен начин, со употреба на лего-коцки. Јани е дел од групата научници што користат лего-коцки за да ги зачуваат гребените во Сингапур.
– Вкупниот број на видови корали во светот е околу 800, ние сме многу среќни што имаме речиси една третина од овие видови концентрирани на толку мала област околу јужните острови на Сингапур – вели таа.
Коралните гребени во Сингапур се намалуваат со децении, а причина се мелиорацијата и загадувањето. Се верува дека ова е првиот обид да се користат лего-коцки за обнова на гребенот, а процесот го прават научниците така што земаат лабави парчиња корали од гребенот и ги ставаат на коцките. Овие мали делови со текот на времето стануваат големи колонии. Лего-коцките се избрани затоа што се модуларни и може да се приспособат на големината на коралите.
Методот „вертикално одгледување“ помага да се заштеди простор. Во Сингапур, поради недостиг од простор, мора да се живее во високи станбени блокови.
Засега се спроведуваат истражувачки експерименти, а научниците се надеваат дека еден ден ќе израснат доволно корали за да можат да ги „пресадат“ во водите на Сингапур.