Ова е своевидно враќање и на самиот Тихомир Поп Асановиќ, кој инаку е роден во Скопје, кое доаѓа по повеќе од четири децении солистичка дискографска пауза, бидејќи од легендарниот албум „ПОП“ (1976) поминаа 43 години, а од култниот „Мајко земјо“ (1974) цели 45 години

Легендарниот хрватски клавијатурист Тихомир Поп Асановиќ в понеделник напладне, во музичката продавница „Југотон“ во Скопје, ќе го промовира својот најнов албум „Повратак првој љубави“. Албумот, како двоен компакт-диск и двоен винил, го издаде „Кроација рекродс“, која по повеќе од четврт век се врати во Македонија.
Ова е своевидно враќање и на самиот Тихомир Поп Асановиќ, кој инаку е роден во Скопје, кое доаѓа по повеќе од четири децении солистичка дискографска пауза, бидејќи од легендарниот албум „ПОП“ (1976) поминаа 43 години, а од култниот „Мајко земјо“ (1974), цели 45 години.

– Тихомир Поп Асановиќ, вљубеник во џезот, рокот и фанкот, е почитуван во целиот свет, а ние го паметиме како еден од најдобрите европски клавијатуристи. Тој е некогашен член на групите „Тајм“ и „Септембер“, а беше дел и од „Југословенска поп-селекција“. Со своите бравурозни изведби ги придружуваше големите имиња на регионалната сцена: Јосипа Лисац, Бошко Петровиќ, „Проарте“… Токму со најдобрите регионални музичари Поп го сними и новиот албум, составен од хрватски и англиски песни, како и од ново македонско музичко богатство. „Тихомир Поп Асановиќ и пријателите“ е името на бендот со кој работеше на сите песни, а освен Поп, тука се и пејачката Сабрина Хебири, гитаристот Јани Модер, басистот Давор Чрнигој и тапанарот Давид Морган – вели Иван Бечковиќ, претставник на „Кроација рекордс“.
Гости на албумот се и: Влатко Стефановски, Аки Рахимовски, Драги Јелиќ, Радомир Михајловиќ Точак, Ненад Чанак, Ведран Божиќ, Примож Грашич, Aмир Гвицман, Драго В., Јанез Бончина, Владо Јаневски (кој напиша и дел од текстовите), Каролина Гочева, Саша Антиќ, Тоне Туоро и Винко Михиќ. Како текстописец, хрватските текстови ги потпишува угледниот рок-критичар Златко Гал.

– Од првиот сингл „Femme Fatale“, преку македонскиот бисер „Лудо момче, Македонче“ и новата верзија на извонредната песна од „Септембер“ – „Домовино моја“, до прогресивното ремек-дело „Експрес за Нови Сад“, албумот „Повратак правој љубави“ дефинитивно е едно од најдобрите музички изданија што последниве години е објавено на регионалната музичка сцена. И, како што кажа познатиот хрватски музички новинар и публицист Хрвоје Хорват: Од сите враќања, на враќањето на Поп Асановиќ најдолго се чекаше, од 1976-та. И вредеше, бидејќи овој албум отпечатен и на винил и на компакт-диск, како и претходните „ПOП“ и „Мајко земјо“, реиздадени повторно на споменативе формати, се меѓу најпродаваните изданија во Хрватска, уште од кога се најдоа на музичкиот пазар – ни откри Бечковиќ.

Сите албуми на Тихомир Поп Асановиќ, во форма на лонгплеј-плочи и компакт-дискови, како и голем дел од каталогот на „Кроација рекордс“, може да се најдат и во Скопје, во музичката продавница „Југотон“.