Руска балерина од светски познатиот театар „Марински“, облечена во целосен костим како за настап, изведуваше сцени од „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски, но не на сцена, туку на ледената површина на Финскиот Залив.
Со овој чин, Илмира Баграутинова се обиде да се спротивстави на изградбата на пристаниште во заливот Батареинаја, популарна плажа на околу 100 километри западно од Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија.
Баграутинова танцуваше на -15 степени и ги објави своите видеа на Интернет. Како што објасни новинарката Екатерина Венедиктова од Би-би-си Рашн, таа се надева дека нејзиниот настап ќе ги спаси вистинските лебеди што се гнездат во Заливот.