Обожавателите на Хари и Меган наскоро можат да го очекуваат филмот „Мегзит“ за контроверзната одлука на Хари и Меган да се повлечат од кралските обврски, пренесува британски „Сан“.

Кабелската мрежа „Лајфтајм“ која веќе сними два филма засновани на кралската двојка, ги објави плановите за новиот филм „Хари и Меган: Бегство од палатата“ ( Harry & Meghan: Escaping the Palace).

ТВ-филмот ќе претстави возбудлив приказ на „контроверзната одлука на двојката за повлекување од кралските обврски, по раѓањето на нивниот син Арчи“, пренесува ТВ-Лајн.

– Филмот детално ги претставува борбите на новите родители и уникатните предизвици да бидат дел од кралското семејство, што на крајот ги натерало Хари и Меган да се откажат од своите кралски врски за да создадат нов живот по своја мерка – се вели во описот на филмот.

Плановите за кастинг и датумот на објавување се во мирување поради пандемијата на коронавирус.

Филмот следува по два претходни ТВ-филмови во продукција на „Лајфтајм“, давајќи хронолошки за животот на кралската двојка.

Првиот, „Кралска романса“, (A Royal Romance) беше објавен во 2018 година за да ја обележи нивната венчавка. Во овој филм Париса Фиц-Хенли и Мареј Фрејзер беа во главните улоги.

Вториот „Станувајќи кралски“ (Becoming Royal) дебитираше една година подоцна, претставувајќи ја првата година на двојката, како војвода и војвотка од Сасекс во кој американската актерка Тифани Смит ја глумеше Меган, додека британскиот актер Чарли Филд ја толкуваше улогата принцот Хари.