Групата доживеа неверојатен успех во 1990-тите години

Младинскиот културен центар во Скопје вечерва ќе го затресе осмото издание на фестивалот „Земјотрес“. Меѓу учесниците се групите: „Барум барум“, „Коспиранси“, „Калчр дивелопмент“, „Дактили“, Драги Иванов, „ДС колектив“, „Филч“, „Флукс“, „Галатеја“, Мирко Попов, „ПМГ колектив“, Роботек, Сашо Костов, „Зулу 3,4“ и многу други.

– Земјотрес е директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и навидум различните интереси на нашите музичари. Широка платформа за презентација на едно постоење, но и постојана промена. Некомерцијален манифест во интерес на духовната и економската оправданост на нашето музичко шаренило. Вашето присуство е директна инвестиција во солидна иднина. Придружете ни се, заедно сме сцена. А, да… и сила – велат организаторите на фестивалот.
На „Земјотрес“ учествува и познатиот македонски рок-бенд „Ласт експедишн“.

Групата доживеа неверојатен успех во 1990-тите години, а нејзиниот алтернативен рок-звук и став останаа патоказ за развој на кој било бенд од тој тип кај нас. Последниве неколку години тие се повторно актуелни, а новите генерации имаат привилегија да ги слушнат и со нов материјал. Во низата од 23 артисти и бендови, во спектар од најнепознати до најреномирани, настапот на „Ласт експедишн“ ќе биде круната на овој фестивал на современата македонска алтернативна музика.