Антителата од ламите може да лекуваат разни болести, а во последно време се испитува и нивниот потенцијал во борбата против ХИВ и други вируси, пренесува „Танјуг“. Освен тоа, многумина сметаат дека моќта на лекување кај ламите оди подалеку од онаа на микроскопско ниво и оти овие животни имаат способност да ги смируваат луѓето и да ја намалат нивната анксиозност.

– Ламите и луѓето се природни сојузници. Тие се повеќекратно корисни за човекот, па, ете, дури и нивната крв е благотворна за нас – тврди Џорџ Калдвел, кој се занимава со одгледување лами во Калифорнија, САД.

Според студијата што неодамна беше објавена во научното списание „Сел“, антителата во крвта на ламата би можеле да овозможат заштита и од коронавирусот. За разлика од луѓето, ламите имаат мали антитела, кое можат да навлезат во протеините на вирусот што се премногу мали за човечките антитела. Истражувачите се надеваат дека токму антителата на ламата би можеле да им помогнат во заштитата на оние што досега не биле заразени од коронавирусот, пренесува „Гардијан“.

Претходно беше докажано дека антителата на ламата можат да се борат против САРС и МЕРС.