фото: илустрација

Постои генерална согласност во јавноста дека лажните вести и големиот број на реклами доминираат на социјалните мрежи. Довербата на луѓето во платформите како Фејсбук, Снепчет, Инстаграм, Јутјуб и слично сè повеќе се намалува и јавноста повеќе не очекува овие компании да обезбедат безбедна средина за споделување на содржини.

Според истражувањата на британски „Бизнис инсајдер“, повеќе од 54 отсто од 1.300 испитаници сметаат дека лажните вести и измамите на социјалните мрежи имаат големо влијание врз тоа дали луѓето можат да им веруваат на рекламите и спонзорираните содржини.

За бизнисите, оваа недоверба на јавноста има и финанскиски последици. Веќе не е најважно и доволно да се создаде силна порака, туку брендовите, промотерите и огласувачите на социјалните мрежи мораат да ја фокусираат нивната енергија своите реклами и промотивни пораки да ги објават на платформи на кои корисниците силно им веруваат. Кога брендовите се рекламираат на ваквите типови платформи, тие го зголемуваат својот кредибилитет и ги зголемуваат шансите да добијат позитивен фидбек од публиката.

Дигиталниот извештај за доверба 2018, спроведен од „Бизнис инсајдер интелиџенс“ ги истражува перцепциите на корисниците на Фејсбук, Твитер, Снепчет, Инстаграм, Линкд ин, и Јутјуб. Ова истражување го издели искуството на корисниците на различни т.н. „пилари на доверба: безбедност, легитимитет, корисничко искуство, можност за споделување и релевантност. Според резултатите, Линкд ин е платформа на која корисниците најмногу и веруваат.

Но, зошто корисниците најмногу и веруваат на оваа платформа? Линкд ин има голем број корисници кои се сметаат за професионалци во својата работа и овие луѓе на платформата се однесуваат сериозно. Поради тоа, постои помала можност да се компромитираат личните информации на корисниците. Дополнително, корисниците се повнимателни во однос на интеракциите со другите корисници, поради професионалниот аспект на мрежата. Важно е да се напомене дека најчесто содржините кои се објавуваат на Линкд ин можат да им користат на луѓето кои имаат намера да напредуваат во професионалната кариера.