Занимливости

Кјото е прекрасен јапонски град, со долга историја, богата култура и многу национални и светски културни богатства. Се смета за културна престолнина на Јапонија, со голем број будистички храмови, шинто-светилишта, палати, градини итн. Тој е еден од најдобро зачуваните градови со традиционална јапонска архитектура.
Во 794 година Кјото стана седиште на јапонскиот царски двор, царската фамилија и јапонската аристократија. Низ историјата, некои од шогуните (воените владетели) за престолнини избрале други градови, како што е градот Камакура или Едо, но Кјото остана главна престолнина на Јапонија сѐ до 1869 година, кога царскиот двор беше пренесен во Токио. Затоа Кјото е познато како илјадагодишна престолнина.
Жителите на Кјото од старото градско јадро, потомци на старата аристократија и царското чиновништво, имаат специфична елитистичка култура, која ги одделува од другите Јапонци. Во минатото, кога Кјото беше престолнина, другите јапонски области најчесто беа рурални средини, затоа жителите на Кјото сите други ги сметале за „дивјаци“ и „нецивилизирани“. Жителите на Кјото никогаш не го говорат она што го мислат и ги кријат вистинските чувства. Ова се должи на бурната историја, односно ги сокривале вистинските чувства за да ги преживеат постојаните борби за превласт помеѓу различните аристократски фракции.
Оваа културна специфичност е особено видлива во секојдневниот говор, кој е многу необичен. Најчесто секоја реченица има спротивно значење. Доколку некој ви се обрати и ви рече дека вашето дете е енергично – всушност сака да ви каже дека вашето дете е немирно и невоспитано. Доколку некој ви рече дека вашата собата е многу чиста, всушност сака да ви каже дека треба да ја исчистите куќата. Доколку некој ви се обрати дека имате убава облека, всушност сака да ви каже да се погледнете во огледало. Доколку во Кјото некој ви рече дека имате убав часовник, тоа означува дека премногу говорите. Доколку сте во посета и ве запрашаат дали сакате чај, тоа значи дека е време да си заминете.

Понто-чо – дом на гејшите и геико-куќите

Понто-чо е населба во Кјото што е позната по гејшите, маико, геико-куќите и традиционалните чајџилници, како и зачуваните форми на традиционална архитектура. Според истражувачите, гејшите и маико (ученичка на гејша) во Понто-чо се посведочени уште во почетокот на 16 век. Тука е сместен и театарот „Кабуренџо“, кој служи како сала за вежбање на гејши и маико. Во Кабуренџо, од 1870 година, гејши и маико двапати во годината го изведуваат танцот „Комогава“ – комбинација на традиционален танц, кабуки, пеење, свирење итн.

„Оварија“ – најстариот ресторан во Кјото

„Оварија“ е изграден во 1465 година и е најстариот функционален ресторан во Кјото. Познат е според традиционалните кнедли, познати како „соба“, а негови посетители се и членовите на царската фамилија. „Оварија“ се наоѓа на истата локација од 1465 година, најпрво бил слаткарница, а подоцна се развил во ресторан со помош на мајсторот готвач Нагоја и неколку члена на царската фамилија. Ресторанот одржувал контакти со неколку будистички храмови од Кјото, а меѓу нив биле будистичките секти Кенин-џи, Шокуку-џи и Миошин-џи. „Оварија“ е во повеќевековна сопственост на една фамилија, која ја негува оваа традиција.

„Џидај Мацури“ – фестивал на вековите

„Џидај Мацури“ е традиционален јапонски фестивал, кој се одржува секоја година на 22 октомври. Фестивалот е еден од најпознатите три традиционални фестивали што се одржуваат во Кјото. Учениците во фестивалот парадираат низ улиците облечени во автентични носии и оживуваат значајни ликови од бурната јапонска феудална историја. Првиот фестивал се одржа во 1895 година, кога била организирана костимска парада, која ги претставувала луѓето од секоја ера од историјата на Кјото. Фестивалот почнува рано наутро, кога светилиштата се изнесуваат од царската палата и луѓето им оддаваат почит. Костимската парада почнува попладне и трае пет часа. Во неа учествуваат околу 2.000 луѓе, облечени како самураи, воени и значајни историски личности итн., а зад нив се движат јапонските жени облечени во традиционалната џунихитое. „Џидај Мацури“ завршува пред храмот „Хејан“.


„Кјотогошо“ – палата на јапонските цареви

Палатата е сместена во центарот на Кјото, поточно во царскиот парк. Локацијата е од 12 век, а денешната палата беше обновена во 1855 година, откако претходните градби беа уништени од пожар. Неколку века беше владетелска палата на јапонските цареви. Во 1869 година, царската фамилија се преселува во токиската јапонска палата, поради што „Кјотогошо“ повеќе не поседува царски функции, меѓутоа последните јапонски цареви беа устоличени во оваа палата.


Златниот павилјон – најубавата архитектонска творба од периодот мурамачи

Златниот павилјон, или Кинкаку-џи, е будистички манастир на планината Кокузан, а рибникот Кјокочи и градината Кајушики се составен дел од овој прекрасен религиски комплекс. Денес се смета за најубава архитектонска творба од периодот мурамачи (1336 – 1573 год.). Првенствено бил замислен и изграден како луксузна куќа за државникот Сајонци Кинцуне, но во 1397 година шогунот Ашикага Јошимицу го купува и го трансформира во павилјон. По смртта на Јошимицу, павилјонот постепено станува будистички манастир. На 2 јуни 1950 година, павилјонот беше запален од страна на монахот Хајаши Јокен, кој потоа се обиде да се самоубие. Настанот беше инспирација за Јукио Мишиме да го напише романот „Златниот павилјон“.


Змејовиот храм и Камената градина

Будистичкиот храм „Роанџи“ е изграден во 1450 година од феудалниот господар Хосокава Кацумото, а негови покровители беа легендарните владетели Тојотоми Хидејоши и Токугава Иејасу. Храмот ѝ припаѓа на будистичката школа „Миошин-џи“, а неговото име значи храм на змејот во мирување. Храмот е познат според Камената градина, која е изградена во 1499 година од страна на мајсторот Соами. Градината е типична за многу зен-будистички храмови во Јапонија. Поради големото културно и историско значење, храмот и градината се наоѓаат на листата на УНЕСКО како светско наследство.