Луксузната вила наречена „Лилипад Палм Бич“ е куќа на вода на соларен погон и се наоѓа во Палм Бич, во Нов Јужен Велс, Австралија. Таа е направена само за двајца, а ја дизајнирал архитектот Кук Андерсон. Има два ката и е изградена од одржливи материјали, со целосно почитување на природната околина. Вилата има наместен дневен престој со камин, целосно опремена кујна, па дури и винска визба. На катот се наоѓа спалната со брачен кревет и бања. Надвор има трем и отворена тераса, погодна за сончање или само за уживање со чаша вино на зајдисонце.

Освен престојот во затворен простор, сопственикот нуди и активности на отворено, како што се опрема за риболов, нуркање, чамец на самостоен погон… Тука е и можноста да направите пикник на плажата, а доколку сакате може да ве посети професионален масер за да се чувствувате уште поопуштено.

Наспроти тоа што сместувањето е наменето само за две лица, во куќата може да се соберат 16 лица за забава или за некој друг настан. „Лилипад“ е отворена во текот на целата година, а летото е најдобро време за уживање. Спиењето за две лица за една ноќ чини 1.000 долари, а во цената се вклучени вечера, појадок и вино.
Поради пандемијата на коронавирусот, вилата „Лилипад“ периодов прифаќа резервации само за жителите на Сиднеј.