Мечо речиси два месеци е во нашиот дом и се надевам оти многу скоро ќе биде вдомен во некое американско семејство, кое убаво ќе се грижи за него, вели пејачката Тања Димовски, која со семејството живее во САД и им помага на бездомните и болни животни во нашата земја

„Кога ќе пораснам, ќе живеам во Америка и ќе им помагам на кучињата во Македонија“, тоа била детската желба на пејачката Тања Димовски, порано Станковиќ, која веќе дваесетина години живее во Чикаго, САД, со својот сопруг Игор и синот Џулијан, кои се успешни деловни луѓе.
– Кога се преселивме во САД со Игор, социјалните мрежи веќе стартуваа на Интернет, па, така, полесно можевме да бидеме во допир со случувањата во нашата земја. Пред петнаесетина години една од многуте објави што кружеа беше онаа за кучето Жиле, кое беше застрелано со пушка на Попова Шапка, по што остана неподвижно. Не можев да верувам дека некој можел да му направи такво нешто на беспомошно суштество. Воспоставив контакт со неговите спасувачи од Скопје, пред сѐ со претставници на ААПЗ (Асоцијација на активисти за права на животните), за да помогнам и јас колку што можам. Во целата несреќа, Жиле си ја најде среќата во Пенсилванија, САД, каде што беше вдомен од едно прекрасно семејство. Токму оваа случка ме врати назад и ме потсети на моето ветување од детството – ни рече Тања.
Оттогаш таа почнала активно да се грижи за бездомните и болни животни во Македонија.

– Почнав да им помагам, да ги спасувам, да наоѓам домови за нив овде, во САД. Во меѓувреме вдомивме едно болно но прекрасно куче, Лили, кое, за жал, беше со нас само две години. Всушност, Лили ја отвори вратата за идните вдомени кучиња во Америка. Мисијата започна во сеќавање на неа – дополни таа.
За судбината на прекрасниот шарпланинец Мечо, таа исто така се информирала на социјалните мрежи.

– Прочитав на Фејсбук дека и Мечо е едно од тие кучиња на кои животот им е во голема опасност, бидејќи некои луѓе дури сакале да го отрујат. Мојот драг пријател, познатиот македонски диџеј Драган Б. Костиќ со неговото семејство правеше сѐ да го заштити, но сепак проблемите со соседите биле присутни сѐ додека заедно не решивме да го тргнеме на сигурно, во пансион, дури јас барам дом за него во Америка – ни откри Тања.

Драган Б. Костиќ, во својот емотивен напис за Мечо на својот профил на Фејсбук, се прости од својот миленик. Мисијата за спас на кучето Мечо сѐ уште не е докрај завршена, но, според Тања, сѐ се одвива во најдобар ред.

– Уште пред да пристигне, најдов привремен дом во Њујорк за него, кај една жена, дури не се вдоми целосно. Во меѓувреме собравме донации за неговата авионска карта, најдовме транспорт и Мечо го пративме на пат преку океанот. Кога стигна во Њујорк, првата недела беше сѐ во ред. Но втората недела ми се јави Теми, која прва го прифати, и ми кажа дека кучето има болки во ногата и оти здравјето не му е баш најдобро. Со Игор се исплашивме многу и веднаш предложивме да ни го прати за Чикаго. Кучето пристигна безбедно, го однесовме на ветеринар и почнавме со терапија. Тој речиси два месеца е во нашиот дом и напредува многу добро. Со Зара, нашето исто така вдомено куче од Македонија, станаа многу добри пријатели и поминуваат убаво време заедно – објаснува таа.

По еден месец во топлиот дом на Димовски, Мечо го живее својот американски сон. Редовно се води грижа за неговата здравствена состојба и, како што вели Тања, нема потреба да му се даваат никакви лекови, туку само силна витаминска исхрана. Таа се надева оти многу скоро и Мечо ќе биде вдомен во некое американско семејство, кое убаво ќе се грижи за него, токму онака како и што заслужува овој шарпланинец, кој мораше да го прелета океанот за конечно да биде третиран на вистинскиот начин.