Актуелниот руски претседател Владимир Путин е еден од најмоќните политичари повеќе од една деценија како на руската така и на светската политичка сцена. Многу пати досега е прогласуван за личност на годината и за еден од најмоќните луѓе на светот. Покрај со своите цврсти ставови во политиката, тој го привлекува вниманието и со динамичниот начин на живот. Од сликање со тигри, поларни мечки, тркање со формула, летање параглајдер до свирење на пијано, тој како да има талент за сè. Особено е познат по тоа што ги обожава кучињата и чува неколку во својот дом.Така деновиве руската ученичка Екатерина Папанова доби кученце лабрадор како подарок од рускиот претседател. Девојчето со семејството живее во Обнинск и посетува училиште специјализирано за деца со посебни потреби.

Претходно, таткото на девојчето му се обрати на претседателот со барање да ѝ подари на Екатерина златен ретривер или кученце лабрадор, пренесе агенцијата ТАСС.
– Комуникацијата со кучето ќе ѝ помогне на Екатерина Папанова полесно да мине низ препорачаниот третман за подобрување на здравствената состојба – се вели во соопштението на владината прес-служба.