Курт Расел во својата долгогодишна актерска кариера, која ја започнал многу млад, меѓу многуте филмски остварувања, на своја 12-годишна возраст глумел со Елвис Присли во „Се случи во светот на реалноста“. Потоа следат „Змијата“ Снејк Плискин во ,„Бегство од Њујорк“ и „Бегство од Лос Анџелес“, Мекреди во „Нештото“ , „Вајат Ерп“, Брукс во „Семоќниот Јас“, „Чувари на галаксијата 2“… Сепак, се чини дека неговата улога на Дедо Мраз во филмот „Божиќни хроники 2“ на Нетфликс може да му биде и последна, пренесуваат светските медиуми.

Таков впечаток се стекнува од изјавите на Крис Колумбос, режисерот на „Сам дома“ и „Хари Потер“, кој беше одушевен од Расел и од неговата изведба во првиот дел од семејната божиќна драма од 2018 година. Тој седна на режсерското столче и поради продолжението чие премиерно прикажување се случи вчера.

– Кога Расел го глуми Дедо Мраз, не е сфатен сериозно. Кога го толкува Дедо Мраз, тој пишува 170 страници од приказната и митологијата на овој човек. Тоа е обврска на глумецот. Тој е посветен на оваа улога на начин на кој вие би очекувале Роберт де Ниро да му биде посветен на Џејк Ламота во „Разјарениот бик“ – изјавил Колумбос за „Јаху ентертејнмент“.

Според режисерот, токму поради тоа се гледа големината на Расел како глумец.

– Во една прилика ми рече, сакам да појдам кон залезот, ова е последната улога што ја толкувам. Тој сака да продолжи да го прави ова… Длабоко во неговата душа, тој е посветен на оваа улога. Тоа го покажува и осумнеделното растење на брадата со малку додатоци, и работата на сценариото секоја вечер, пред да снима со мене. Тоа е силна посветеност. И тој го сфаќа тоа многу сериозно – вели Колумбос.

Во новиот филм глуми и Голди Хоун – долгогодишна животна сопатничка и добро позната филмска партнерка на Курт Расел во повеќе други филмови.