Пред 50 години филмот „Одисеја 2001“ ја смени во целост филмската индустрија. Оваа година ова остварување повторно се враќа на големите екрани, но приспособено на новите технички услови. Култниот филм во режија на Стенли Кјубрик е снимен во 1968 година. Славниот режисер беше и продуцент, а го напиша и сценариото според упатствата на познатиот писател на научна фантастика Артур Клар.
Во годината кога премиерно беше прикажан филмот немаше добар прием ниту кај критичарите, ниту кај публиката, но со текот на времето, неговата репутација од „лош“ филм прерасна во еден од најпофалуваните филмови на минатиот век. Многупати е репризиран како дел од телевизиската програма, а годинава студиото „Ворнер Брос“ одлучи да ја врати „Одисеја“ во кината.

Режисерот Кристофер Нолан доби задача филмот да го обработи, за да биде погоден за прикажување на денешните проектори и платна. За таа цел тој направи нов 70-милиметарски отпечаток, првпат откако е создаден филмот. Користени се оригиналните негативи, како и втисната фотохемиска филмска метода, што е типично за Нолан.
Токму затоа нема дигитално дотерување, а најмалку од сѐ поправање на филмот, што е својствено за продукциите „Дизни“ и „Лукасфилм“.
Новата „Одисеја“ премиерно ќе биде прикажана на Филмскиот фестивал во Кан, по што следува и прикажување во најквалитетните киносали во светот.