Холандската компанија „Студио Рузгард“, предводена од нејзиниот основач Даан Рузгард, почна низа урбани иновации што ги спојуваат уметноста и модерната технологија за создавање урбано и чисто опкружување. Меѓу иновациите се наоѓа и првиот вакуумски чистач за апсорбирање смог што наскоро ќе биде поставен и во Полска.

По првичната инсталација во Ротердам и во Амстердам, а потоа и во Пекинг во 2016 година, првиот чистач на смог доаѓа и во Краков, Полска, за решавање на проблемите со урбаниот смог, со употреба на технологија за јонизација. Проектот што го започна холандската компанија има цел да создаде почист воздух во урбаните области. Висината на оваа иновативна кула е седум метри, а дебелината е 3,5 метри. Користејќи јонизирачка технологија, кулата ги привлекува и апсорбира штетните честички на смогот и го враќа прочистениот воздух назад. Собраните честички од јаглерод што се наталожуваат по прочистувањето на воздухот се компресирани и се користат за правење накит.

Научниците од Технолошкиот универзитет во Ајндховен ја проучувале ефективноста на кулата „Рузгард“ и откриле дека може да апсорбира до 70 отсто од ПМ10 честичките и до 50 отсто од ПМ2,5 честичките. Со испитувањата било утврдено дека кулата троши помалку електрична енергија од обичен бојлер.

По поставувањето во Пекинг, кулата успеала за 41 ден да исчисти 30 милиони кубни метри воздух, што претставува волумен што е десет пати поголем од обемот на Националниот стадион во Пекинг, со капацитет од 80.000 гледачи. Кулата наскоро доаѓа во Краков, поточно во паркот Јордан, кој се наоѓа во близината на Музејот за современа уметност, каде што ќе се одржи изложба од 16 февруари до 15 април, на која ќе бидат претставени прстени изработени од јаглеродните честички собрани од веќе поставените кули.