Високата тенка кула на Богородичната црква во Париз, чија слика на уривање во огнената стихија можеби е највпечатливиот кадар забележан во свеста на целиот свет, во моментот кога во април минатата година со страв го набљудувавме пожарот во познатата париска катедрала, ќе биде обновена во духот на деветнаесетвековниот оригинален дизајн. Ова го одлучи неодамна францускиот претседател Емануел Макрон.

Со оваа вест, која ја пренесоа светските агенции, завршија шпекулациите за тоа дека новата кула би можела да биде изградена во современ стил, за што и самиот Макрон се залагаше извесно време, велејќи дека е склон кон таква интервенција.
Меѓутоа, бидејќи желбата на надлежните е реставрацијата на оваа омилена црква на парижани да заврши до 2024 година, за кога се закажани Олимписките игри, чиј домаќин ќе биде француската метропола, одлучено е обновата да биде со што помалку компликации и неизвесност.

Градењето кула од современ тип би подразбирало меѓународен архитектонски конкурс, а тоа најверојатно би го одложило времето за изведување на работите.
По состанокот со државната комисија за национално културно наследство и архитектура, од Елисејската палата е соопштено дека „претседателот им верува на експертите и дека е одобрен начелниот проект на главниот архитект Филип Вилнев, според кој оваа кула ќе биде идентична на старата.
Како потсетување, еден од препознатливите симболи на катедралата, високата кула е изградена во 13 век, но поради големи оштетувања настанати во меѓувреме била отстранета во 18 век. За нејзината замена е заслужен Ежен Виоле Ле Дик, кој повторно ја изградил кулата во 19 век.