КУД,,Дримкол“ од Вевчани овие денови во градот Сафранболу, Турција, ги презентира македонскиот фолклор и традиција, во рамките на проектот „Денови на македонската култура во Турција“, поддржан од Министерството за култура.

Презентацијата на македонската традиционална култура е дел од програмата на реномираниот меѓународен фестивал за документарен филм, кој оваа година се одржува по 20 пат, во организација и под покровителство на општината и градоначалничката г-ѓа Елиф Косе. На овој познат и реномиран фестивал во Турција годинава за учество пристигнале рекорден број апликации, односно 1.527 документарни филмови од над 100 земји.

КУД „Дримкол“ во изминативе денови одржа три сценски настапи на различни локации, а настапи и во центарот на Сафранболу, пред многубројната публика, каде што одржа целовечерен концерт, на кој беа презентирани сценски адаптации и кореографски обработки од Вевчани и од другите игроорни подрачја на Македонија. Во Сафранболу во моментов се наоѓа и делегација на општината Охрид, како збратимен град. Остварени се средби со градоначалничката на градот, како и со бизнисмени и невладини организации од Сафранболу, за зајакнување на меѓусебната соработка.

„Дримкол“ вчера одржа и целовечерен концерт во Истанбул, во организација на здружението за култура и уметност „Ида Санат“, кое работи во рамките на општината Шишли.