Најстариот син Фиделито, кој долго време беше единственото официјално признаено дете на Фидел, беше нуклеарен научник, додека неговата најстара ќерка Алина Фернандез, вонбрачно дете, го нападна својот татко преку радио во Мајами

Педесетгодишното владеење на Фидел Кастро подели многу кубански семејства на оние што беа протерани од земјата поради несогласување со режимот и на оние што беа на страната на комунистичката револуција, но ниту семејството на кубанскиот лидер не беше исклучок, пишува британски „Гардијан“.Братот на Кастро, Раул, беше негов најблизок соработник и негов наследник на функцијата претседател на Куба, додека неговата сестра Хуана избега во Јужна Флорида. Таа постојано го нарекувала Фидел „чудовиште“ и не разговарала со него повеќе од четири децении. Најстариот син Фиделито, кој долго време беше единственото официјално признаено дете на Фидел, беше нуклеарен научник, додека неговата најстара ќерка Алина Фернандез, вонбрачно дете, го нападна својот татко преку радио во Мајами.

Врската со наставничката Далија – најпостојана

За време на долгото боледување на Кастро, започнаа да се откриваат добро скриените тајни за неговото семејство, додека неговите најмлади синови и нивната мајка, Далија Сото дел Вале, беа околу него. Далија, поранешна наставничка со руса коса и зелени очи, која Кастро ја запознал за време на кампањата за писменост во 1960 година, била жената со која бил во постојана врска. Таа ретко се појавувала во јавноста и никогаш со водачот додека тој бил на власт. Двојката, која била заедно повеќе од четири децении, има пет сина што сега се на средна возраст. Кастро за време на револуцијата се нарекувал себеси Алехандро, во чест на Александар Велики, неговите синови ги нарекол Алексис, Алехандро, Анелито, Александер и Антонио.

Ниту еден од нив не е во политиката. На јавноста најдобро ѝ е познат Антонио, или Тони, ортопедски хирург, тој беше и официјален лекар на кубанската репрезентација во бејзбол, а потоа стана и потпретседател на кубанската бејзбол-федерација и на меѓународната бејзбол-федерација со седиште во Швајцарија.
Со децении, нивниот идентитет, како и на нивните мајки, беа државна тајна за која знаеја само мал круг од нивните најблиски соработници. Семејниот живот на Кастро бил толку таен што и неговиот брачен статус со Далија бил непознат во земја каде што вонбрачните заедници се исто толку присутни како и официјалните. Некои новинарски извештаи наведуваат дека тие се венчале во 1980 година, на мала и тајна церемонија.
Новинарите од островот ги слушнале гласините за сопругата на командантот, но не ја виделе до почетокот на 2000 година. Далија во јавноста се појавила следната година, во клубот „Тропикана“, за време на кубанскиот меѓународен фестивал на цигарите. Подоцна, таа не била видена со Кастро сè до 2010 година, кога тој се појави во јавноста во неколку наврати, по четиригодишно отсуство, вклучувајќи и на неговото прво обраќање пред Собранието откако се разболе.

Битката за старателство го подели семејството

Поделбите во семејството датираат уште од времето на битката за старателство над Фиделито, што било пред Кастро да го симне од власт Фулгенсио Батиста во 1959 година. Поделбите само се зголемиле и станале уште пожестоки по револуцијата.
Првата сопруга на Фидел, Мирта Дијаз-Баларт, се развела од него во средината на 1950-тите години на минатиот век и го однела во САД Фиделито, роден во 1949 година и прво од деветте деца на Кастро. Но Кастро сакал да го оддалечи петгодишното дете од семејството на Мирта и нејзиниот брат Рафаел, кој бил службеник во владата на Батиста.
– Одбивам дури и да помислам дека мојот син може да преспие една ноќ под истиот покрив што ги штити моите најголеми непријатели – ѝ напишал Кастро на својата полусестра Лидија во 1956 година.
Додека Мексико се подготвувало за герилска војна, Кастро ја убедил Мирта да го испрати Фиделито во двонеделна посета, а потоа одбил да го врати. Подоцна, додека сестрите на Кастро го шетале во парк во Мексико Сити, тројца вооружени мажи скокнале од автомобилот и го киднапирале Фиделито, за да ѝ го вратат на Мирта.
Дури и во текот на растењето на Кастро во источна Куба имало семејни компликации. Главата на семејството, Анхел Кастро, кој мигрирал од шпанската покраина Галиција во Куба, сè уште бил во брак со својата прва сопруга кога го основал семејството со мајката на Фидел, Лина Руз, инаку слугинка на семејството. Нејасно е што се случило со Мариа Аргот, првата сопруга на Анхел, со која имал две деца. Ангел и Лина имале седум деца и се венчале во црква, откако се родило третото – синот Фидел.

Ќерката на Кастро ја објави книгата „Мемоари за Куба од егзил“

Кога станува збор за неговите потомци, Фидел официјално го признал Фиделито, русокосо момче, кое денес неверојатно личи на својот татко. Фиделито дојде на чело на Кубанската комисија за атомска енергија, а неговиот татко го отстрани од таа позиција во раните 1990-ти, од непознати причини.
Ќерката Алина Фернандез, која е родена на 3 март 1953 година од љубовната врска на Кастро со Наталија Ревуелта, ја напуштила Куба во 1993 година носејќи перика и лажен шпански пасош, а подоцна го опишала своето чувство на напуштеност во книгата „Ќерката на Кастро: Мемоари за Куба од егзил“.
Книгата на Алина создала јаз дури и кај роднините на Кастро во егзил – Хуана поднела тужба во Шпанија во 1998 година, тврдејќи дека книгата ги клевети нејзините и родителите на Фидел. Таа го доби судскиот спор и отштета од 45.000 долари.
Кастро е татко на најмалку уште две вонбрачни деца – Хорхе Анхел Кастро, кој останал во Куба и станал татко на четири деца, и Франциска Пупо, која заедно со нејзиниот сопруг мигрирала во САД во 1999 година.