Објавено е видео на кое се гледа како холивудскиот актер Том Круз гневно вика по одредени членови на филмската екипа за време на снимањето на седмото продолжение на „Невозможна мисија“ и им се заканува поради кршење на епидемиолошките мерки.

Таблоидот „Сан“ објави снимка во која Круз се слуша како навредливо вели: „ако видам дека го правиш повторно тоа, готов си“, обрајќајќи се кон еден од членовите на екипата. Весникот наведува дека Круз видел двајца членови на тимот како стојат премногу блиску еден до друг пред екранот на компјутер.

Филмот моментно се снима во Велика Британија.  „Сан“ не објави кога се случил инцидентот, но според агенцијата „Ројтерс“ познато е дека филмаџиите дошле во Британија на почетокот на месецов.

Филмскиот серијал „Невозможна мисија“, во кој Круз го игра главниот лик Итан Хант, досега оствари огромен успех.

Снимањето на седмото продолжение беше прекинато во февруари годинава, за време на работата во Италија, поради стравот од ширење на ковид-19.

„Сан“ пишува дека Круз лично се погрижил да нема поголеми одложувања.

– Луѓето во Холивуд прават филмови поради нас. Вработуваме илјадници луѓе. Тоа што го направивте не е за простување. Може да им го кажете тоа на оние што ќе го загубат покривот над главата затоа што филмската индустријата замира. Нема да го стопираме снимањето на овој филм. Дали е тоа јасно? Ако те видам повторно… готов си – вели Круз во објавената видеоснимка.

Американскиот магазин „Варајати“ најави дека филмот треба да се најде пред публиката во ноември 2021 година.