Во спомен на Тоше Проески

Пред 13 години на овој ден засекогаш нѐ напушти нашата најголема музичка ѕвезда и голем хуманитарец Тоше Проески. Неговото срце престана да чука тоа кобно утро на автопатот Белград – Загреб, кај Нова Градишка, Хрватска. Токму од ова место секоја година маратонците трчаа до неговото родно Крушево во негова чест. Овој пат, симболично во Нова Градишка пристигнаа само двајца маратонци, поради пандемијата на коронавирусот. Тие го посетија местото каде што тој загина, оставија цвеќе на споменикот изграден во негова чест, а потоа симболично истрчаа десетина километри.
– Годинава заради претпазливост поради пандемијата, маратонците, ги има 10 на број, трчаа само на територијата на нашата земја, од Табановце до Крушево. Како и минатата година, денеска во 13 часот ќе бидат пречекани на влезот на Крушево со црвени рози, подарок од сите граѓани и институции во градот. Ќе ги пречекаат учениците на ОУ „Никола Карев“ и средношколците од „Наум Наумовски-Борче“. Потоа ќе се упатат на Гумење, каде што се наоѓа вечниот дом на Проески и ќе положат цвеќе. Почит на балканскиот ангел ќе му оддадат и велосипедистите од Кавадарци, кои во негова чест возеа низ цела Македонија – вели Сотир Габелоски, претставник за односи со јавноста на Општина Крушево.

Денеска ќе биде претставен новиот изглед на вечниот дом на Проески, чија изградба заврши неодамна, а за чија реализација Владата издвои 10 милиони денари. Обележјето е симболично, во основата е во форма на крст, а однадвор изгледа како две раце склопени во молитва. Автор на идејното решение е Жарко Чаушевски, а за изгледот на вечниот дом на Тоше биле направени консултации и со неговото семејство. Инаку, денеска на Гумење, уште од 12 часот, ученици со гитари тивко ќе ги пеат неговите песни. Сѐ ќе се одвива според предвидените протоколи за заштита од коронавирусот, а ќе има и редари што ќе се грижат сѐ да мине во најдобар ред. Се очекува да дојдат и негови почитувачи од целата земја. Досега да му оддадат почит на Тоше дошле околу 700.000 посетители, кои задолжително го разгледуваат и меморијалниот центар „Тодор Проески“, каде што има 350 експонати поврзани со неговиот живот. За жал, годинава нема да можат да дојдат негови обожаватели од други земји, а една од нив е Оксана Данаилова од Благоевград.

– Веќе 10 години учествувам во хуманитарни акции во негов спомен, а во Благоевград организираме и „Вечер за Тоше“. Од продадените влезници собираме пари за болни деца и за други хумани цели. Во Бугарија се знае многу за Тоше, се пеат неговите песни и тој тука има многу обожаватели. Повеќето биле во Крушево на 16 октомври, на неговиот роденден, а има и такви како мене што биле на 5 октомври на „Ѕвезденото небо“ во Скопје, но, за жал, по 10 години тоа веќе не свети на плоштадот во Скопје – вели Оксана Данаилова.
Инаку денешниот тажен ден ќе биде одбележан со телевизиски и радиоемисии посветени на Тоше во Македонија и во други земји во регионот, како и преку многу хуманитарни настани.