Репортажа во српски „Телеграф“

Ако нешто треба да се почувствува и да се види – тоа е Крушево. Токму старата градска архитектура, која ве остава без здив, спонтаните луѓе, прекрасната природа и планински воздух го прават ова место меѓу најчистите градови во Македонија, пишува српскиот весник

Зимската сезона во Крушево трае од ноември до крајот на март. Зимите се благи, сончеви и доста снежни. Скијалиштата на планината Бушава од двете страни се на 1.200 метри и 1.400 метри. Крушево ги привлекува љубителите на зимските спортови со прекрасни скијачки патеки и со патеки за зимско трчање, кои не се далеку од градот. Скијачките патеки се наоѓаат на локалитетот Станич, опремени со ски-лифт, пишува српски „Телеграф“ во репортажа за најромантичниот македонски град.
Во 1927 г., Крушево го посетил славниот француски архитект Корбизје, кој се одушевил од крушевската архитектура и во својата натамошна работа бил инспириран од крушевските куќи.

Крушевските куќи се вистински архитектонски ремек-дела. Велат дека славниот Ле Корбизје кога првпат дошол во Крушево, во 1927 година, бил трогнат од убавината и елегантната линија на украсните детали на фасадите. Речиси сите сѐ уште ги носат семејните грбови на предната фасада, а внатрешноста е украсена со мебел и украсни детали од дрво и резби, како и насликани ѕидови на кои доминира сината боја, комбинација од сеќавање на старата татковина и градителската и сликарска вештина на Мијаците.
Според репортерот на „Телеграф“, при влезот во градот од која било страна, има нешто како во бајките…

– Во изгледот на градот, во неговата архитектура, во изгревот на сонцето, во залезите зад планината, тој зелен здив на градот, во една игра од перспектива, која уште побајковито се отсликува во кристалот на планинското небо. Во средиштето на градот има кривулести мали сокаци, стрмни и тесни, се виткаат и го кршат наредниот терен и непишаните правила на старите урбани агломерации. Базарот е составен од серија мали занаетчиски дуќани и продавници, распоредени едни до други. Тоа е најживописниот дел од градот, на кој се надоврзуваат маалата каде што се одвива целиот живот. Од некогашната позната крушевска чаршија сѐ уште постојат некои од старите занаети: керамичари, кујунџии, казанџии, чевлари, златари и други. Сите тие прават бовчи, столарија, резби – пишува српскиот весник.

Според авторот на текстот, комплексот споменици „Илинден“, познат како „Македониум“, е еден од најмаркантните споменици во Крушево. Откриен на 2 август 1974 г., лоциран е непосредно во близината на Крушево, на локалитетот Гумење. Посебно место во репортажата е одвоено за нашиот трагично загинат пејач Тоше Проевски и музејот посветен на неговото детство и тинејџерски години до периодот кога го достигна врвот на својата музичка кариера.

– Небото над Крушево, пак, е рај за параглајдеристите. Во најава е Светско првенство во параглајдерство, кое ќе се одржи наредната година во една од најдобрите европски и светски параглајдинг-локации, а тоа е Крушево. Сите овие активности ја дополнуваат и збогатуваат културната содржина на Крушево, а овој град по својата природа и специфичност го носи името град музеј. Ако нешто треба да се почувствува и да се види – тоа е Крушево. Токму старата градска архитектура, која ве остава без здив, спонтаните луѓе, прекрасната природа и планински воздух, го прават ова место меѓу најчистите градови во Македонија – ја завршува репортажата „Телеграф“.