Првпат албумот е снимен пред 35 години, во соработка на „Југотон“ со Музичката продукција на тогашната РТВ Скопје. На музика на Хаџиманов се опеани песни на познати македонски поети, во аранжман на Славе Димитров. Бонус песни на новото цеде се „Од љубов не се бега“ и „Зајди зајди јасно сонце“

Наскоро ќе биде промовиран албумот „Зафир пјева – Македонија пјева“ во издание на „Кроација рекродс“ (некогашен „Југотон“) на познатиот македонски пејач, композитор, поет и актер Зафир Хаџиманов, кој долги години живее и работи во Белград, Србија.
– Вработените во „Кроација рекордс“ навистина се ефикасни. Веднаш по објавата дека ја добив меѓународната награда „Гоцева мисла“ на фондацијата „Македонија презент“ од Скопје, одлучија да го реиздадат мојот стар албум „Македонија пјева“, овој пат со додавката „Зафир пјева“. На оваа добро завршена работа пред сѐ ѝ благодарам на една неуморна дама – Наталија Цаиќ. Инаку, песните што се на ова цеде не можат да се најдат веќе никаде, бидејќи ете ние во регионот успеавме и на музиката да ѝ ставиме граници. А јас отсекогаш сакав не само музика туку и живот без граници и без цензура. На овој албум ќе уживате во слободата на поезијата и на музиката – порачува Зафир Хаџиманов.

Синиша Шкарица, долгогодишен прв човек на „Југотон“ и врвен басист, напиша рецензија за реиздадениот албум „Зафир пјева – Македонија пјева“.
– Ова е едно од првите изданија што ги потпишав како главен и одговорен уредник на „Југотон“ таа 1986 година. Еве, сега по 35 години овој носач на звук се реиздава во вид на компактна плоча. Станува збор за редок албум на автентичниот Орфеј од земјата на сонцето. Зафир Хаџиманов… Сега, заедно со честитките на реализацијата на неговиот репринт, му посакувам долг живот на ова цеде и Македонија нека пее! – напиша, меѓу другото, во својата рецензија Синиша Шкарица.
Деновиве во издание на ПГП РТС излезе и албумот со најголемите хитови на Сенка Велетанлиќ, животната придружничка на Зафир и позната и признаена пејачка во некогашна Југославија. Таа снимала и соработувала со значајни и големи имиња на естрадната сцена од регионот, а заедно со својот сопруг Зафир Хаџиманов и сестрата Бисера Велетанлиќ, оставиле голем број вечни песни во антологиите на овие простори.

– Овие се нашите зимзелени дрвја. Денес нема такви песни. Овој мој диск ќе ме задржи во светот на тие мелодии, за да докажам дека сум постоела, дека не сум заборавена. Многумина заслужиле вакви колекции, да ги зачуваме старите, кога немавме можност да снимаме нови песни – рече Сенка Велетанлиќ на промоцијата на овој антологиски албум.
Со ново ретроспективно цеде, кое ги разгалува срцата на луѓето низ целиот регион, ПГП РТС потсети на незаборавни изведби на голем број песни на забавна музика, шлагери и шансони, испеани од уникатната Сенка Велетанлиќ.
Инаку, синот на Зафир и Сенка, Васил Хаџиманов е еден од најдобрите џез-пијанисти во Европа, кој одлично соработува со македонските колеги и е чест гостин во нашата земја, а неговата ќерка Марта тргна по стапките на своите баба и дедо.