Споменик посветен на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески, кој почина во 2007 година, неодамна беше откриен во Нова Градишка, Хрватска. Меѓутоа, голем број корисници на социјалните мрежи, како и некои од хрватските медиуми наведоа дека споменикот воопшто не личи на Тоше.
Споменикот го изработи Славко Буниќ, а на свеченото откривање присуствуваа нашиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи, градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, како и градоначалникот на Крушево, Томе Христовски.
Судејќи по реакциите, многумина се разочарани од споменикот. Некои од нив дури ги потсети на актерот Славко Штимац.
– Како играчка од киндер-јајце – напиша корисник на Фејсбук.
Други сметаат дека откривањето на споменикот е убав гест, но дека воопшто не постои сличност.
„Ни Македонците не би го препознале“, „Споменикот нема врска со ликот на Тоше, па подобро да се отстрани“, „Ова не е нашиот Тоше“, се некои од реакциите на корисниците на социјалните мрежи.