На спомнувањето на нивните имиња, првите асоцијации за Крис Еванс и Скарлет Јохансон се ликовите Капетан Америка и Црната вдовица. За потсетување, филмот во кој играа заедно, „Одмаздници“ од 2012 година, заработи дури 200 милиони долари во првата недела од прикажувањето. Сепак, „Одмаздници: Завршница“, чија премиера беше пред две години, го презеде водството, како најуспешен филм во историјата, со надминување на ривалот „Аватар“. Овие бројки доволно зборуваат за тандемот Крис Еванс – Скарлет Јохансон, па затоа многумина ги израдува веста за новата соработка.
Овој пат, заедно ќе ги гледаме во насловот „Гоустед“ на компанијата „Епл“. Сценариото го напишаа авторите на филмовите „Дедпул“ и „Зомбиленд“, а режисер е Декстер Флечер, познат по остварувањето „Рокетмен“. Засега не се достапни многу детали, но „Холивуд репортер“ наведува дека донекаде ќе личи на познатиот филм „Лов на зелениот дијамант“, во кој глумат Мајкл Даглас и Кетлин Тарнер. Бидејќи станува збор за авантуристички наслов, веруваме дека нѐ очекуваат специјални ефекти.
Скарлет Јохансон неодамна стана мајка на момчето Козма, а покрај тоа води и тужба против „Дизни +“ за прекршување на договорот. Имено, реализацијата на „Црна вдовица“ беше достапна и за гледачите надвор од кината, што предизвика материјална штета на актерката.