Овде живеат околу 1.000 луѓе (хипици и маргинализирани групи), а секоја година ја посетуваат половина милион туристи

Запознајте ја Кристијанија, автономна зона основана од хипици и други маргинализирани категории на општеството, која опстојува и покрај многубројните предизвици. Фокусот на населението на Кристијанија е насочено кон екологијата, самоодржливо општество и создавање атмосфера, во која секоја индивидуа е одговорна за благосостојбата на заедницата.
Една од најпопуларните населби во Копенхаген и една од најголемите туристички атракции е токму Кристијанија, автономна зона што предизвика голем број полемики во последните децении, во една од најорганизираните земји во светот – Данска.
Позната е и како слободен град. Хашиш и канабис се продаваат на нејзините улици, нема автомобили и жителите живеат еколошки. Кога ќе влезете во Кристијанија, имате впечаток дека сте повторно во 1970-тите години.
Откако војската се исели од оваа област во 1971 година, бездомниците направија дупка во оградата околу поранешниот воен комплекс и ја окупираа територијата. Наскоро им се придружија данското хипи-движење, анархисти, активисти, но и зависници од дрога, отфрлени од остатокот од општеството. Купувањето недвижности беше исклучително поволно во тој период, за разлика од другите делови на Копенхаген, и беа отворени неколку детски игралишта. Исто така, на таа локација често се организираа протести против данската влада. Автономната територија на Кристијанија беше прогласена од новинарот Јакоб Лудвигсен на 26 септември 1971 година. Областа наскоро стана позната како улицата Пушер, бидејќи на таа улица можеше да се купат и продадат канабис и хашиш, но ништо повеќе од тоа. Употребата на оружје, кражби и тешки дроги се забранети во Кристијанија. Денес овде живеат околу 1.000 луѓе, а секоја година ја посетуваат половина милион туристи. Нејзините жители изградија свои домови, така што архитектурата е мошне разновидна и шарена. Туристичката понуда се карактеризира со голем број ресторани, претежно со органска храна, но исто така се одржуваат и уметнички галерии, театри, концертни сали и разни работилници.

Населението во Кристијанија го сочинуваат луѓе од целиот свет, но за државјанство е потребна пријава. Исто е и со недвижностите – не можете да влезете тука и да купите куќа, но, што се однесува до државјанството, аплицирате. Ако добиете одобрение, добивате и куќа. Речиси 40 години, овој кварт постоел под посебни услови, но судирите меѓу неговите жители и властите биле чести. Конфликтите биле искоренети кога во 2011 година беше постигнат договор за автономија на оваа област, што беше признаено и од данската влада. Следната година е основана Фондацијата за автономна Кристијанија, која ја поседува целата површина од 34 хектари. Ако патувате за Копенхаген, не пропуштајте го ова соседство, но проучете ги правилата за однесување при влегувањето. Поради трговија со канабис, што инаку е нелегално во Данска, забрането е фотографирање. Трчањето е непожелно затоа што ги вознемирува луѓето, особено околу улицата Пушер. Ако патот ве однесе до Кристијанија, мора да ја посетите ковачницата „Кристијанија Смедија“, најстариот занает во соседството, но и геј-куќата, културно место за собирање хомосексуалци, лезбејки и трансвестити, каде што се одржуваат настапи, концерти и претстави. Најголемите концертни сали во соседството се „Сивата куќа“, поранешна касарна, и „Лопен“. Не пропуштајте да уживате во „Моргенштедет“ – органски, вегетаријански ресторан со разновидна понуда, која зависи од тоа кој готвач е на смена. Друг интересен ресторан е „Списелопен“, во кој работат луѓе од 16 земји.