Фото: Бела куќа/Фликр

Поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп, ќе го продаде првиот незаменлив токен (НФТ) за време на претстојната празнична сезона, објавува „Блумберг“.

НФТ-визијата на Меланија Трамп е уметност изработена со водени бои, што ги претставува нејзините сини очи. Делото треба да биде „амајлија што инспирира“ за колекционерите, според објавеното соопштение.

Словенката има намера да профитира од зголемената побарувачка за крипотовалутите, со што ќе го употреби блокчејн протоколот „Солана“ и ќе прифаќа уплати во криптовалути и со кредитни картички за уметноста.

Се повеќе славни личности уметници и компании ги користат НФТ-делата, кои претставуваат дигитални токени што содржиат двојна вредност – како криптовалута и како уметност.

Станува збор за продажба на уметнички дела достапни во дигитална форма, достапни преку клик. НФТ-токените овозможуваат купување и продажба на сопственички права на уникатни дела од дигиталниот свет, при што со нивното купување се добива и уникатен сертификат за сопственост. Оваа берза открива и досега непознати уметници чии дела во некој момент може да вредат многу повеќе отколку денес.