Компанијата за играчки „Мател“, која ги произведува куклите Барби, создаде нова верзија на популарната кукла, базирана на научничката што ја измисли вакцината против коронавирусот, професорката од Оксфорд, Сара Гилберт.
Професорката Гилберт започна да работи на креирање на вакцината во почетокот на 2020 година, кога првпат беше објавено дека ковид-19 се шири низ Кина.
Вакцината што таа ја дизајнира, оксфордската „Астра Зенека“, сега се користи во повеќе од 170 земји, што ја прави најкористена во светот. Куклата ја прикажува професорката Гилберт облечена во црн костум, со бела кошула и очила.
– Мојата желба е куклата да им покаже на децата кариера за која можеби не се свесни, како имунологијата – рече таа.
Куклата на професорката е една од шесте кукли Барби создадени од „Мател“ во чест на женските херои на ковид што се занимаваат со наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ).
Меѓу нив се биомедицинската истражувачка, докторката Жаклин Гоус де Жесус од Бразил и австралиската докторка Кирби Вајт, која создаде заштитна наметка за повеќекратна употреба за здравствените работници. Вклучени се и работничката од Лас Вегас, Одри Сју Круз, психијатарот Чика Стејси Ориува и медицинската сестра Ејми О’Саливен од САД.
– Силно сакам да ја инспирирам следната генерација девојки за кариера во науката, технологијата и инженерството и се надевам дека децата што ја гледаат мојата барбика ќе сфатат колку научните кариери се од витално значење да му помогнат на светот околу нас – рече професорката Гилберт.
Новите кукли доаѓаат откако Барби претрпе промена на имиџот, со ослободување неколку серии кукли чија цел е да се диверзифицира нејзиниот асортиман.
Минатата година, „Мател“ лансира нова линија кукли за да прикаже повеќедимензионален поглед на убавината и да ги претстави глобалната разновидност и инклузивност.